Косовскиот премиер Албин Курти најави дека на 25 мај ќе дадат заклетва новоизбраните градоначалници на општина Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ.
„Нашите акции се насочени кон демократско функционирање на државните институции и обезбедување јавни услуги за сите граѓани. Ова не е избор. Тоа е наша обврска. Посветени сме на заштита на човековите права, граѓанските слободи, владеењето на правото, политичкиот плурализам, мирот и безбедноста во земјата“, рече Курти на седницата на Владата.
Претходно, на 19 мај, заклетва положи градоначалникот на Северна Митровица, Ерден Атиќ.
Во овие општини на северот на Косово живее мнозинско српско население, кое ги бојкотираше локалните избори на 23 април и не ги прифаќа резултатите, односно новите градоначалници од редовите на албанската заедница.
Излезноста на изборите во април е 3,47 отсто од вкупниот број запишани избирачи.
Она што е проблематично е местото на полагање заклетва.
За разлика од Северна Митровица, каде што има општинска зграда која работи по косовски систем, во другите општини на север, досега локалните власти на Косово беа сместени во зградите на привремените власти кои работат според српскиот систем.
Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, претходно изјави дека не треба да се користи сила за пристап до општинските згради на северот, односно важно е да се избегнат конфликти или тензии на терен.
Косовскиот премиер Курти рече дека притисокот и уцената од официјален Белград „директно влијаеле на слабата излезност на Србите на изборите во април“.
Од друга страна, раководството на Српската листа најави дека од 1 јуни припадниците на српската заедница „со сите средства ќе се бранат од репресијата на Владата на Косово“, истакнувајќи дека „окупацијата на северот“ започнала со преземањето на функцијата градоначалник на Северна Митровица.
Како „репресија“ Српската листа го гледа процесот на експропријација на север од страна на Владата на Косово, одржувањето на локални избори во тој регион и гонењето или апсењето на Србите од страна на косовските власти.