Русија и Кина потпишаа серија економски договори

Премиерите на Русија и Кина, Михаил Мишустин и Ли Џианг во Пекинг, 24 мај

Рускиот премиер потпиша серија договори со Кина во средата (24-ти мај) за време на посетата на Пекинг, опишувајќи ги билатералните врски на високо ниво како „без преседан“, и покрај неодобрувањето од Западот.

Премиерот Михаил Мишустин, највисокиот руски функционер што го посетил Пекинг откако Москва ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година, разговараше со кинескиот премиер Ли Џианг и треба да се сретне со претседателот Кси Џинпинг.

Посетата дојде откако Русија и Кина жестоко реагираа на декларациите на Групата седум изминатиот викенд, кои ги издвоија двете земји за низа прашања, вклучително и Украина.

Бидејќи војната во Украина трае веќе втора година и Русија се повеќе ја чувствува тежината на западните санкции, Москва се потпира на поддршката на Пекинг, многу повеќе од Кина на Русија, хранејќи се со кинеската побарувачка за нафта и гас, пишува Ројтерс.

„Денес односите меѓу Русија и Кина се на невидено високо ниво“, му рекол Мишустин на Лиу за време на средбата во Пекинг.

Тие се карактеризираат со взаемно почитување на интересите, желба за заеднички одговор на предизвиците, што е поврзано со зголемени турбуленции на меѓународната сцена и голем притисок од колективниот Запад, рече тој.

„Како што велат нашите кинески пријатели, единството овозможува поместување на планини“, рече рускиот премиер.

Видете и ова: Годината што ги промени кинеско-руските односи

Според податоците на кинеската царина, Кина е најголемиот трговски партнер на Русија, со трговска размена која минатата година достигна рекордни 190 милијарди долари, пишува агенцијата Франс прес.

Ли во средата истакна дека билатералната трговија веќе достигна 70 милијарди долари оваа година.

„Ова е зголемување за повеќе од 40 проценти на годишно ниво“, рече тој.

„Обеменот на инвестиции меѓу двете земји, исто така, континуирано се надградува. Стратешките проекти од големи размери постојано напредуваат“, додаде Ли.

Потпишаните меморандуми за разбирање вклучуваат договор за продлабочување на соработката во областа на трговските услуги, пакт за извоз на земјоделски производи во Кина и договор за спортска соработка.

Кси ја посети Русија во март и разговараше со претседателот Владимир Путин, откако вети „неограничено“ партнерство непосредно пред руската инвазија на Украина.

Се предвидува дека испораките на руска енергија во Кина ќе се зголемат за 40 отсто оваа година, а двете земји разговараат за испорака на технолошка опрема во Русија, пренесе агенцијата Интерфакс.

Продлабочувањето на врските со Кина е стратешки курс за Москва, изјави секретарот на рускиот совет за безбедност, Николај Патрушев, кој во понеделникот разговараше со Чен Венкинг, член на Политбирото на кинеската комунистичка партија, кое ги надгледува полицијата, правните работи и разузнавањето.

Пекинг се воздржа од отворено осудување на руската инвазија.

Сепак, од февруари, Кси промовираше мировен план од 12 точки, кој беше дочекан со скептицизам од Западот и претпазливо поздравен од Киев.

Кина сака Москва и Киев да се вклучат во мировни преговори

Минатата недела, специјалниот претставник на Кина за евроазиски прашања Ли Хуи ја посети Украина и се состана со претседателот Володимир Зеленски, со што ја започна европската турнеја што Пекинг ја најави како нејзин напор да промовира мировни разговори и политичко решение за кризата.

Премиерот Михаил Мишустин пристигна во Кина во понеделникот, присуствувајќи на бизнис форум во Шангај во вторникот, пред да отпатува за Пекинг за да се сретне со премиерот Ли Џианг и претседателот Кси Џинпинг.

Тоа е посета на највисоко ниво на руски функционер на Кина од минатогодишната инвазија.