Во Московскиот регион од 23 до 25 мај се одржува Меѓународен состанок на високи претставници кои се занимаваат со безбедност.
На состанокот во Москва ќе присуствуваат секретари на совети за безбедност, помошници и советници на шефови на држави, вицепремиери, шефови на безбедносни агенции и специјални служби од различни земји, јавуваат руските медиуми. Форумот ќе се одржи под покровителство на рускиот Совет за безбедност. Руската делегација ја предводи секретарот на Советот за безбедност на Русија Николај Патрушев.
Во Москва е соопштено и дека се очекува на дневен ред да бидат прашањата поврзани со обезбедувањето национална, регионална и глобална безбедност.
Сè уште не е објавена конкретна листа на земји чии претставници ќе се соберат на безбедносниот форум во Московскиот регион, јавува руската државна новинска агенција ТАСС.
Но Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Северна Македонија на својот Фејсбук профил се „пофали“ дека е во Москва. Тој за Радио Слободна Европа потврди дека ќе присуствува на собирот во Москва. А детали за патувањето ќе соопштел откако ќе се врати.
Од политичарите од регионот, посетата на Москва ја најави Милорад Додик, претседателот на Република Српска, еден од двата ентитета на Босна и Херцеговина.
Тој веќе имаше куса средба со Патрушев, а за денеска е планирана и средба со рускиот претседател Владимир Путин.
Патрушев му се заблагодари на Додик за посетата и истакна дека му е драго што претседателот на Република Српска бил почесен гостин на Меѓународен состанок на високи претставници за безбедносните прашања.
„Сигурен сум дека размената на мислења за безбедносни прашања е од големо значење во современите геополитички услови“, рече Патрушев.
Тој истакна дека тие високо го ценат партнерството во духот на довербата, што е особено меѓу Русија и Република Српска.
Видете и ова: Кој гледа „обоена револуција“ во Србија?Москва е речиси целосно изолирана од почетокот на војната во Украина, но тоа не го спречи Додик, да одржува блиски односи со Русија и да го одликува рускиот претседател.
„Република Српска продолжува да соработува со Русија и има право да води автентична политика и покрај притисокот“, напиша Додик на Инстаграм непосредно пред патувањето.
Ова е 11- та по ред Меѓународна средба на високи безбедносни функционери во Москва. Претходните настани се одржаа во Екатеринбург, Санкт Петербург, Владивосток, Казан, Улан-Уде, Грозни, Тверскиот регион, Уфа и двапати во Сочи.