Бразилскиот министер за земјоделство Карлос Фаваро вчера прогласи вонредна состојба од 180 дена како одговор на појавата на многу заразен вирус на птичји грип меѓу дивите птици.
Бразил е најголем извозник на месо од живина во светот, односно 35 отсто од месото на пазарот е од Бразил, покажуваат податоците на Министерството за земјоделство за 2022 година.
Мерката, која ќе биде во сила 180 дена, има за цел „да се спречи (болестите) да влезат во производството на живина, како и да се зачува дивата фауна и флора и здравјето на луѓето“, се вели во соопштението на бразилското Министерство.
Во него се додава дека се забранети саеми, натпревари и изложби на живина.
Бразилските власти во понеделникот објавија дека откриле три нови случаи на птичји грип, со што вкупниот број регистриран од средината на мај во земјата се искачи на осум. Сите случаи се однесуваат на диви птици во неколку области низ Бразил.
Птичјиот грип е причина за високата смртност кај дивите птици и живината. Болеста ретко се забележува кај луѓе и обично се јавува преку близок контакт со заразени птици.