Руските сили извршија 20 ракетни напади во изминатите 24 часа врз локалитети во регионите Дњепропетровск, Запорожје и Харкив, соопшти Генералштабот на украинската војска во својот дневен извештај на 23-ти мај. Во меѓувреме издадено е предупредување за воздушен напад.
Русија, исто така, изврши 48 воздушни напади со помош на беспилотни летала „Шахед“ од иранско производство и лансираше 90 ракетни напади врз позициите на војниците и населените области, соопшти украинската војска.
Во Русија, гувернерот на Белгородската област што се граничи со Украина, Вјачеслав Гладков, на 23 мај изјави дека имало напади со беспилотни летала врз административна зграда во селото Борисовка и две приватни куќи во областа Граиворон.
Гладков рече дека беспилотните летала биле соборени и никој не бил ранет во наводните напади. Информацијата не можеше независно да се потврди.
Каналот Медиазона на Телеграм објави експлозија во центарот на градот Белгород и соопшти дека патот до регионалното седиште на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) бил блокиран од безбедносните сили и дека пристапот е затворен.
Информацијата, која не може веднаш да се потврди, доаѓа еден ден по насилните судири во областа, за кои властите обвинија група украински „саботери“.
Украинската војска соопшти дека продолжиле тешките борби во и околу Бахмут, во источниот регион Донецк, додавајќи дека украинските сили одбиле 30 руски напади во изминатиот ден во градот.
Украинските воени претставници велат дека контролираат „незначајна“ област во Бахмут, но се во процес на опкружување на Бахмут со заземање територија северно и јужно од градот.
Русија изминатиот викенд тврдеше дека го освоила целиот град кој стана епицентар на повеќемесечната битка во источна Украина.