Пари, пасоши, политика...

МАКЕДОНИЈА - Просечната нето плата исплатена во март изнесувала 34.925 денари, покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика. Во бруто-износ, пак, мартовскиот просек е 52.318 денари. Според статистиката, растот произлегува од зголемувањето на просечната нето-плата во секторите градежништво (19,8%), образование (15.0%) и објекти за сместување и сервисни дејности со храна (14,9%).

МАКЕДОНИЈА - Само 40 проценти од граѓаните кои поседуваат патни исправи имаат извадено пасош со новото име на државата „Република Северна Македонија“, одговори македонското Министерство за внатрешни работи на прашањата на Радио Слободна Европа. За осум месеци од сега, истекува рокот до кој македонските граѓани имаат обврска да извадат нов пасош со новото име „Република Северна Македонија“. Според податоците на МВР во моментов има околу еден милион и 736 илјади важечки македонски пасоши, но над 60 проценти од нив се со старото име „Република Македонија“ и треба да бидат променети.

ЕУ - Актуелните состојби во земјите од Западен Балкан и нивните евроинтегративни процеси во контекст на неоправданата руска агресија врз Украина, била главната тема на неформалниот состанок во Брисел на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија и земјите од Западен Балкан во рамките на Советот за надворешни работи, со кој заседаваше високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел.

РУСИЈА - На руско-украинската граница избија жестоки судири. Москва обвинува дека украинската „група за саботажа“ се обидела да изврши упад во земјата, додека Киев тоа тврдење го демантира. Експлозии и спорадични пукотници можеа да се слушнат на 22 мај во регионот Белгород, при што локалниот гувернер изјави дека борбите се прелеале во Русија во областа Граиворон, која граничи со Украина. Засега нема информации за жртви.

СРБИЈА - Формиран е предмет да се утврди дали во постапките на мајката на малолетникот К.К., кој се товари за масовно убиство во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград, се содржани елементите на кривичното дело „напуштање и злоупотреба на малолетно лице“, соопшти на 22 мај, првото основно јавно обвинителство во Белград. Предметот е формиран по службена должност.

МАКЕДОНИЈА - Полицијата проверувала безбедносни камери во Судскиот совет откако дел од членовите изразиле сомнежи дека некој без дозвола им влегувал по канцелариите. Новиот претседател на судскиот совет Сашко Георгиев денеска во изјава за медиумите посочи дека на колегиум одлучиле да се расчистат сомнежите кои, како што вели тој, се нечии индивидуални видувања.

ГРЦИЈА - Лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис на 22 мај потврди дека нема да се обиде да направи коалициска влада и покрај тоа што освои најмногу гласови на парламентарните избори во неделата, но му недостасуваат неколку пратеници за да има мнозинство. Тој телефонски разговарал со претседателите на партиите кои обезбедија влез во Парламентот и ги информирал за намерата новите избори да бидат на 25 јуни.

БУГАРИЈА - Бугарија ќе добие нов владин состав предложен од коалицијата „Продолжуваме со промените - Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) со поддршка на ГЕРБ . Премиерот на оваа влада ќе се менува на ротациона основа. Во првите 9 месеци премиер ќе биде Николај Денков од ПП, а вицепремиер и министер за надворешни работи Марија Габриел од ГЕРБ. Следните 9 месеци Габриел ќе стане премиер, а Денков вицепремиер.

МАКЕДОНИЈА / ЕУ - Следниот чекор во евроинтегративниот пат е измена на Уставот, порача денеска ( на 22 мај) евроамбасадорот во Скопје Дејвид Гир. Тој посочи дека земјата се наоѓа во многу специјален момент од историјата кога процесот на проширување поставен како врвен приоритет на агендата на ЕУ, што значи дека работите може да се развиваат многу брзо.

БЕЛОРУСИЈА - Помилување доби новинарот Раман Пратасевич, кој беше приведен во Белорусија во 2021 година по принудно слетување на комерцијален лет. Пратасевич беше во авионот на Рајанер од Атина, Грција, до главниот град на Литванија, Вилнус, кога го смени курсот меѓу двете членки на ЕУ за да се упати кон Минск. Белоруската државна новинска агенција БелТА тогаш објави дека Лукашенко лично наредил борбен авион МиГ-29 да го придружува авионот на Рајанер за да слета во Минск, наводно поради закана од бомба.