Актуелните состојби во земјите од Западен Балкан и нивните евроинтегративни процеси во контекст на неоправданата руска агресија врз Украина, била главната тема на неформалниот состанок во Брисел на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија и земјите од Западен Балкан во рамките на Советот за надворешни работи, со кој заседаваше високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел.
На крајот од состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, Борел изјави дека во текот на денот се зборувало за влијанието на Русија на Западен Балкан, која, според него, се обидува да го исфрли од европскиот пат земјите од регионот.
Борел ја предупреди Србија дека евроатлантските аспирации не се совпаѓаат со односите што земјата ги има со Русија.
„Ги поздравуваме стратешките и храбри избори на некои од нив кои се целосно усогласени со санкциите (кон Русија). Исто така, им укажавме на оние кои сè уште не ги почитувале, или воопшто не ги почитувале, а особено би ја посочил Србија, дека одржувањето Блиските врски со Русија не се компатибилни со нејзиниот процес за пристапување во ЕУ, тоа е исто така штетно за националниот интерес на Србија“, рече Борел.
Видете и ова: Министрите за надворешни работи на ЕУ разговараат за Западен БалканГлавна тема на маса било влијанието на Русија во регионот, а министрите на ЕУ се осврнале и на процесот на нормализирање на односите меѓу Србија и Косово. Во таа насока, Борел изјави дека треба да се стави крај на „меѓусебните провокации, негативната атмосфера и недостатокот на конструктивност“.
На состанокот учествуваше и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи. Во соопштението на МНР е наведено дека на состанокот Османи изјавил дека Македонија е пример во регионот за компромисно решавање на отворените прашања и дека земјата вложува напори во исполнување на критериумите за членство во Унијата.
„Иако не сме директно на бојното поле, сепак сме на бојното поле на наративи и дезинформации и мораме да ги избегнеме овие обиди и да се отвориме за можности преку помирување, дијалог, надминување на наследството од минатото и решавање на споровите со разбирање, почит и заемно прифатливи решенија,“изјавил Османи.
Од почетокот на руската агресија врз Украина, земјите од регионот, со исклучок на Србија, се усогласија со политиката на санкции што Брисел ја воведе кон Москва.Србија е единствената земја која не воведе ниту една рестриктивна мерка против Русија, согласно одлуките на Европската унија. Брисел очекува земјите кандидати за полноправно членство постепено да ги усогласуваат своите политики со политиките на ЕУ.