Само 40 проценти од граѓаните кои поседуваат патни исправи имаат извадено пасош со новото име на државата „Република Северна Македонија“, одговори македонското Министерство за внатрешни работи на прашањата на Радио Слободна Европа. За осум месеци од сега, истекува рокот до кој македонските граѓани имаат обврска да извадат нов пасош со новото име „Република Северна Македонија“. Според податоците на МВР во моментов има околу еден милион и 736 илјади важечки македонски пасоши, но над 60 проценти од нив се со старото име „Република Македонија“ и треба да бидат променети.
Видете и ова: Од промената на пасошите, државата ќе инкасира 32 милиони евра од граѓаните
Според пресметките на Радио Слободна Европа доколку сите сопственици на пасоши одлучат да ги променат, во државната каса ќе се слеат над 32 милиони евра од џебот на граѓаните. Пресметките според новите повисоки цени на личните документи кои ги донесе Владата, покажуваат дека едно четиричлено семејство за нови пасоши, лични карти, возачки дозволи и регистарски таблички треба да плати околу 10.000 денари.
Преспанскиот договор со Грција беше потпишан на 17 јуни 2018 година. Но, иако роковите од Договорот почнаа со промената на Уставот во февруари 2019 година, институциите не започнаа навреме да издаваат лични документи со новото име Република Северна Македонија. Крајниот рок за промена на личните документи и патни исправи е 12 февруари 2024 година.