Формиран е предмет да се утврди дали во постапките на мајката на малолетникот К.К., кој се товари за масовно убиство во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград, се содржани елементите на кривичното дело „напуштање и злоупотреба на малолетно лице“, соопшти на 22 мај, првото основно јавно обвинителство во Белград. Предметот е формиран по службена должност.
Обвинителството испратило барање до Полициската управа за град Белград за прибирање на потребните информации, со кои се наложува да и се изврши распит на осомничената М.К., се наведува во соопштението.
Обвинителството бара и да се „направи разговор со педагогот и психологот вработени во училиштето „Рибникар“, како и да се преземат сите други мерки и дејствија потребни за целосно утврдување на фактичката состојба“.
Обвинителството му наложило на Градскиот центар за социјална работа да изврши дијагностичка проценка на функционирањето на семејството на малолетникот К.К. и за тоа да поднесе извештај со Обвинителството, како и да утврди дали тоа семејство претходно било во евиденцијата на тој орган.
Откако ќе бидат доставени бараните извештаи до Обвинителството, јавноста „без одлагање ќе биде информирана за натамошниот тек на постапките и одлуките“, стои на веб-страницата на Обвинителството.
Денеска е обновена наставата во белградското училиште „Владислав Рибникар“, 19 дена по трагедијата. На 3 мај малолетниот К.К уби осум ученици и чуварот на школото, а од повредите на 15 мај почина уште една ученичка.