Лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис на 22 мај потврди дека нема да се обиде да направи коалициска влада и покрај тоа што освои најмногу гласови на парламентарните избори во неделата, но му недостасуваат неколку пратеници за да има мнозинство.
Со преброени 99,70 отсто од гласовите, Нова демократија има 40,79 отсто и 146 пратенички места, пет помалку од мнозинството, победувајќи во 58 од 59 изборни единици во земјата. Сириза доби 20,07 отсто и 71 место, додека Пасок се најде на третото место со 11,46 отсто. Излезноста беше 61%.
Тој во рамките на мандатот за формирање Влада, што го доби од грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, телефонски разговарал со претседателите на партиите кои обезбедија влез во Парламентот и ги информирал за намерата новите избори да бидат на 25 јуни.
Партијата на Мицотакис освои двојно повеќе од второпласираната СИРИЗА и речиси четирипати повеќе од гласовите на третопласираната партија ПАСОК.
Мицотакис разговарал со претседателот на СИРИЗА Алексис Ципрас, со претседателот на ПАСОК Никос Андролакис, со генералниот секретар на Комунистичката партија Димитрис Куцубас и со претседателот на Грчко решение Киријакос Велопулос.
Од Кабинетот на грчкиот премиер информираа дека Мицотакис на лидерите на партиите им повторил дека смета дека не постои предуслов за формирање Влада од сегашниот Парламент и дека има намера попладнево да го врати мандатот.
Мицотакис долго време сугерираше дека нема да бара коалициски партнер, без оглед на изборниот исход, во интерес на стабилно владеење. Грција има мала традиција на успешни коалициски влади, и покрај серијата такви принудни решенија за време на тешките години на финансиска криза.
По Мицотакис, мандатот ќе му биде понуден на лидерот на Сириза, Алексис Ципрас, а потоа и на лидерот на Пасок, Никос Андрулакис, но ниту еден од нив нема реални шанси за успех. Секој од нив ќе има најмногу три дена да се обиде да формира коалиција. Откако ќе се исцрпат сите опции, ќе биде назначен привремен премиер и ќе се распишат нови избори.