СЗО- Не ги одложувајте реформите за да се подготвите за следната пандемија

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус на 22 мај ги повика земјите да ги спроведат реформите потребни за да се подготват за следната пандемија. Тој ги повика и да ја почитуваат претходната заложба за зајакнување на финансирањето на здравствената агенција на ОН.

Говорејќи на годишното здравствено собрание на СЗО, највисокото тело за одлучување на СЗО, тој рече дека крајот на ковид-19 како глобална здравствена опасност не значи и крај на глобалната здравствена закана.

Потсетувајќи дека пред помалку од три недели го прогласи завршувањето на пандемијата од ковид-19 како вонредна состојба за јавно здравје од меѓународно значење, Тедрос кажа дека тоа е „моментот за олеснување и размислување“.

„Охрабрувачки е да се види животот како се враќа во нормала – да можеш да гушкаш пријател, да патуваш и да се среќаваш слободно. Веќе некое време сме заложници на овој вирус, така што како што реков, тоа е олеснување“, рече тој.

Меѓутоа, првиот човек на СЗО подвлече дека тоа не значи дека ковид-19 автоматски престана да биде закана за глобалното здравје.

Видете и ова: СЗО прогласи крај на пандемијата на коронавирусот


Нагласувајќи дека СЗО треба да биде подготвена за решителна, колективна и фер борба во следниот епидемиски процес, Тедрос посочи дека епидемијата покажува дека има осум милијарди луѓе кои треба да се заштитат во вонредни ситуации.

Десетдневното годишно Светско здравствено собрание се одржува во Женева, и се совпаѓа со 75-годишнината од формирањето на телото. На состаноците се разговара за глобалните здравствени предизвици, вклучително и идните пандемии.