По 19 дена од трагедијата, наставата во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ е обновена од понеделник на 22 мај, потврди за Радио и телевизија на Србија (РТС) Снежана Вуковиќ од Министерството за образование. Во ова училиште наставата беше прекината по 3 мај, кога 13-годишен ученик во напад со огнено оружје уби девет ученици и чуварот. Наставата во наредните денови ќе се одвива со зголемено присуството на полицијата.
Претставничката на српското Министерството посочи дека децата во ова училиште ќе имаат повеќе часови отколку во изминатите две недели, кога децата имаа по два до три часови дневно.
„Денес е различно по тоа што учениците VII-2 ќе дојдат на час попладне. Тие самите инсистираа да разговараат со терапевти. Со нив сме во постојан контакт. Тие инсистираа да започнат часови по физичко и здравствено образование. Утре ќе започнеме со настава по физичко образование и настава по географија Да одиме постепено“, изјави Вуковиќ, пренесува РТС.
Претставничката на српското Министерство за образование во гостувањето на РТС кажа и дека делот од училиштето каде што се случи масакрот воопшто не се користи. Тоа е овозможено бидејќи, практично, како што објасни, ОУ „Владислав Рибникар“ се состои од две вештачки споени згради.
„Се избегнува сè што потсетува за да не се поминува низ тој простор. Дури и влезовите во училиштето се на другата страна. Тоа е она што во овој момент беше возможно или другата опција беше децата целосно да се разделат, па едно дете од едно семејство да оди во едно, а другото дете во друго училиште, што е многу тешко. Навистина би било многу напорно за родителите и јас верувам дека и родителите би имаше проблем и тоа би било дополнителен предизвик“, вели Вуковиќ.
Таа нагласи дека доколку родителите забележат дека децата се плашат и немаат потреба да влегуваат во училишните простории, детето не мора да доаѓа на училиште бидејќи тоа би било „ново насилство врз детето и никој од Министерството и стручните кругови не инсистира на ова“.
„Важно е да имаме само писмена изјава од родителите дека детето не доаѓа и да се следи што се случува со тоа дете, би било добро децата да имаат онлајн часови за оние кои не сакаат, но информациите се такви што родителите не сакаат настава, сакаат да ја прекинат и да ја завршат учебната година“, нагласи Вуковиќ.
Таа додаде дека е важно што во текот на изминатата недела на училиште биле повеќе од 750 ученици, но и околу 130 ученици кои биле со наставниците на активности кои не се одвивале на училиште.