Антикорупциската комисија со голем тим и под полна пареа го анализира договорот за изградбата на Коридорите 8 и 10-д на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска изјави дека за сеопфатна анализа се поделени задачи на голем број на советници во Комисијата, од кои дел ја анализираат јавната набавка, додека друг дел за работни односи, некој е вклучен како истражител, а некој прави анализа на законите што треба да се донесат.
„Се е опфатено што е поврзано со овој предмет, верувајте бара малку повеќе работа и анализа, и ние сакаме што побрзо да завршиме и да си кажеме. Не можам да кажам точно датум кога ќе биде заради тоа што е неблагодарно да се кажува, ќе речете кажавте, а не сте завршиле, работиме на тоа со полна пареа. Веднаш штом биде се готово ќе излеземе и ќе кажеме“, рече Ивановска.
ДКСК отвори предмет за проектот за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д за којшто е потпишан Договор со „Бехтел и Енка“ по објавите во медиумите околу постапката на изборот на фирмите за надзор, а предмет по допрен глас отвори и Јавното обвинителство.
По официјализирањето на примената на Договорот, во тек се подготвотелни активности за претстојните градежни работи на терен. За реализацијата на Договорот во собраниска процедура се измени на пет закони по скратена постапка, а нивното означување со европско знаменце е предмет на дебата и критики од опозицијата.
Уште од самиот почеток овој проект го следат контроверзии. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали со фирмите за надзор.
Официјално, почетокот на изградбата на Коридорот 8 беше означен на свечена церемонија на 4 април, додека „камен темелник“ на Коридорот 10 Д се постави на 12 мај. Според најавите, автопатите треба да бидат завршени за 4 години и седум месеци, а проектот за изградба на коридорите ќе чини 1,3 милијарда евра.