Министрите за надворешни работи на ЕУ разговараат за Западен Балкан

Илустрација

На состанок на Советот за надворешни работи на Европската унија во Брисел на 22 мај, министрите на земјите членки ќе разговараат за ситуацијата во регионот на Западен Балкан. На овој состанок ќе присуствуваат и министрите за надворешни работи од шесте земји од Западен Балкан.

Според најавите од Европската унија, главни теми кои ќе бидат на дневен ред се процесот на нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, ситуацијата во Босна и Херцеговина, регионалната соработка и влијанието на Русија во регионот на Западен Балкан.

Се очекува Европската унија уште еднаш да ја повтори својата заложба за продолжување на помошта за регионот, но и да побара од овие земји да ги исполнат своите обврски за спроведување на реформите и да се прилагодат на надворешната политика на Европската унија.

Министерот за надворешни работи на Шведска, Тобијас Билстром, чија земја претседава со ЕУ, во пресрет на средбата изјави дека „земјите од Западен Балкан имаат свое место во ЕУ, но ние ќе продолжиме да чекаме за нивна адаптација кон надворешната политика на Европската Унија“.

Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ-Радман изјави дека Хрватска го поддржува проширувањето на ЕУ со земјите од регионот на Западен Балкан, но бара и тие земји да ги почитуваат европските вредности и да соработуваат во повеќе области, вклучително и прашањето за незаконската имиграција.

Видете и ова: Европскиот парламент ги осуди блиските односи на Србија со Русија


Досега сите земји во регионот, освен Србија, ги поддржаа санкциите на Европската унија против Русија. Дополнително, во последната година, усогласувањето на Србија со надворешнополитичките ставови на ЕУ значително се намали.

Загриженост за заканите што се слушаат во Босна и Херцеговина за загрозување на територијалниот интегритет на оваа земја изрази и Европската унија. Ваквите повици и понатаму доаѓаат од лидерот на Србите од Босна и Херцеговина, Милорад Додик.

Што се однесува до дијалогот меѓу Косово и Србија, се очекува и на оваа средба да се повтори повикот за напредок во процесот на нормализирање на односите и имплементација на сите обврски кои страните ги презедоа во овој процес.