Нуклеарната централа Запорожје приклучена на резервни генератори

Илустрација, нуклеарната централа Запорожје

Украинската нуклеарна централа Запорожје е исклучена од надворешното напојување од територијата на Украина и е префрлена на дизел генератори наменети за истни случаи, се наведува во соопштението објавено на социјалната платформа Телеграм од рускиот функционер Владимир Рогов, кој е поставен од Москва да раководи со централата.

Рогов напиша дека централата е „целосно“ исклучена од надворешното напојување , откако Украина го исклучила далновод што го контролира.

Засега нема коментар од Украина, но Анатолиј Куртев, секретар на градскиот совет на Запорожје во Украина, рече дека работата е во тек од почетокот на 22 мај за враќање на електричната енергија во градот

„Поради исклучувањето на високонапонскиот вод од 750 киловолти, нуклеарната централа Запорожје го загуби надворешното напојување со електрична енергија. Моќта за сопствени потреби ја обезбедуваат дизел генератори … Нема зголемена радијација на местото на нуклеарната централа“, се истакнува во соопштението.

Видете и ова: МААЕ е загрижена за нуклеарната централа Запорожје


Запорожје е најголемата нуклеарна централа во Европа, со шест блокови. Станицата не произведува струја од 11 септември 2022 година. Пет реактори се во ладен режим, а еден работи за да ги задоволи потребите на електраната.

Од март минатата година нуклеарната централа Запорожје е под контрола на руските сили, а од 1 септември минатата година таму дежураат неколку експерти од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), кои се менуваат периодично.