Од промената на пасошите, државата ќе инкасира 32 милиони евра од граѓаните

Илустративна фотографија.

За 8 месеци треба да се заменат околу милион важечки пасоши на граѓаните. Според МВР само 40 отсто пасоши се со новото име „Република Северна Македонија“. Народниот правобранител Зибери ја критикува Владата зошто сите трошоци за замена на личните документи кои произлегуваат од Договорот со Грција, мора да ги платат граѓаните.

Министерството за внатрешни работи (МВР) до 12 февруари 2024 година треба да издаде околу еден милион пасоши со новото име на државата „Република Северна Македонија“. На овој датум истекува петтгодишниот рок за промена на личните документи утврден со Преспанскиот договор со Грција во 2018 година. Според податоците што РСЕ ги доби од МВР, во моментов има околу еден милион и 736 илјади важечки македонски пасоши, но над 60 проценти од нив се со старото име „Република Македонија“ и треба да бидат променети.

Кусото време за замена на пасошите веќе создава долга листа за чекање. Ако се обидете да закажете термин телефонски резервација ќе добиете најбрзо за 40 дена, а слично е закажувањето преку интернет. Брзо термин се добива само по итна постапка, за неколку дена, ама се плаќа три пати поскапо.

Милион пасоши за само осум месеци?

Граѓаните негодуваат што повторно ќе треба да плаќаат за промена на личните документи на кои се уште не им е истечен рокот на важноста. Некои од нив сметаат дека не треба да плаќаат само поради тоа што државата сменила закони.


Од МВР потврдуваат дека добиваат голем број апликации за замена на пасошите бидејќи за осум месеци граѓаните треба да добијат нови пасоши, но и други лични документи со новото име „Република Северна Македонија“.​

По 10 илјади денари за пасоши за четиричлено семејство

Ако пасошите за возрасни според новите, повисоки цени, чинат 2.300 денари, а за деца 1.700 денари, државата во просек ќе наплаќа по 2.000 денари за пасош. Така според пресметките на РСЕ, промена на над 60 проценти од вкупната бројка од важечките пасоши кои се со старото име, значи дека до февруари треба за еден милион нови пасоши во државната каса да легнат над 32 милиони евра, доколку сите граѓани се одлучат да ги променат.

Пресметките според новите повисоки цени на личните документи кои ги донесе Владата, покажуваат дека едно четиричлено семејство за нови пасоши, лични карти, возачки дозволи и регистарски таблички треба да плати околу 10.000 денари. Но зошто граѓаните треба да плаќаат за промена на нивните важечки документи, а тоа не е обврска на државата. На ова прашање РСЕ побара став од Владата, но не добивме одговор.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Зибери - Владата можеше да ги субвенционира барем личните карти

Народниот правобранител Насер Зибери смета дека Владата морала да ги разгледа сите обврски за промена на личните документи кои, како што вели, се резултат промената на Уставот во 2019 година според билатералниот Договор со Грција и потоа да донесе заклучоци за финансиските последици за граѓаните.

Зошто да плаќаат граѓаните, а не државата?

Бидејќи личната карта е законска обврска за секој граѓанин, за Зибери праведно решение би било барем тоа државата да го субвенционира .

„Бидејќи Владата се иззема од овие финансиски импликации, по се изгледа таа и не се занимавала со овие прашања. Имено, Владата во име на граѓаните ја потпиша спогодбата, а потоа и Собранието како претставнички дом на граѓаните со закон ја ратификуваше истата, а потоа и го смени Уставот со што произлезе и обврската за усогласување на личните исправи на граѓаните со претходните донесени одлуки. Затоа сметам дека Владата требаше да расправа и да донесе соодветни заклучоци за тоа дали е исправно и правично трошоците предизвикани од овие одлуки да одат на терет на граѓаните, а посебно трошоците на кои граѓаните неизбежно се изложени, односно принудени (за вадење лични карти)“, вели Зибери за Радио Слободна Европа.

Видете и ова: Ознаката НМК ќе ги чини граѓаните 11 милиони евра

Преспанскиот договор со Грција беше потпишан на 17 јуни 2018 година. Но, иако роковите од Договорот почнаа со промената на Уставот во февруари 2019 година, институциите не започнаа навреме да издаваат лични документи со новото име Република Северна Македонија.

На пример, граѓаните кои вадеа лични документите во текот на 2021 година, повторно ги добиваа со старото име Република Македонија. Сега тие одново треба плаќаат за нови документи.

„Да почнеше издавањето на тие лични документи од денот на стапување на сила на измените на Уставот, сигурно дека финансиските ефекти и импликации кон граѓаните, ќе беа многу помали “, вели Зибери.

Зошто промената почна во 2021, а не две години порано?

Освен промената на важечките документи, граѓаните сега за нив ќе плаќаат и повисока цена, откако Владата во март донесе таква одлука. Пасошите ќе чинат 500 денари повеќе за возрасните граѓани над 27 години. Тие ќе треба да платат 2.300 денари за патна исправа. Оваа цена е за целата постапка, вклучително со пресметаните трошоци за таксени марки. Поскапо за 1.600 денари ќе чини пасош по итна постапка, односно вкупно 6.100 денари.

Овие цени се на сила од 26 април оваа година. Од Владата објаснуваат дека зголемувањето на цените е поради поскапените обрасци кои ги увезува, зголемени трошоци за одржување на системот кој, како што наведуваат, го врши странски оператор, набавка на нови машини за замена на дотраени и замена на софтвер за побезбедно работење, велат од Владата за РСЕ.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Се бара поевтина опција за табличките, и налепници во игра

Спасовски: Поскапувањето не е големо

Ова не е големо зголемување, смета министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој неодамна исто го објаснуваше.

„Набавните цени се зголемени за 90 проценти на репроматеријалите и затоа направивме зголемување кое што не е големо“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на 16 мај.

Промената на сите документи за едно четиричлено семејство со двајца возрасни и две малолетни деца ќе чини околу 180 евра. Освен пасош, со новите цени треба да дадат по 310 денари за лична карта, 520 денари за една возачка дозвола, 250 за сообраќајна дозвола и 1.250 денари за промена на таблички за еден автомобил. Цените на пасошите за деца ќе останат исти 1600 денари, а за деца од 4 до 18 години 1700 денари. Возачка дозвола по итна постапка изнесува 1.230 денари што е зголемување за 390 денари.