Европскиот парламент објави Нацрт-резолуцијата на бугарскиот европратеник и известувач за Северна Македонија Илхан Ќучук. За резолуцијата идната недела ќе расправа Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.
Во нацрт- резолуцијата се повикуваат креаторите на политики во Северна Македонија да поттикнат национален консензус за интеграцијата во ЕУ, за да може земјата до 2030 да ги исполни критериумите за членство во Унијата.
Известувачот Ќучук, изразува загриженост за непотребното одложување на процесот на пристапување, ја нагласува потребата да се зајакне транспарентноста, отчетноста и инклузивноста на процесот, вклучително и неговата парламентарна димензија.
Тој исто така ги поддржува напорите за постигнување договор за уставни измени кои би вклучиле дополнителни заедници во преамбулата на Уставот на Северна Македонија.
Видете и ова: Поддршка од САД за уставните измени - можеби изгледаат минорно, но се тешкиПонатаму, ги повикува носителите на политички одлуки и општества во Бугарија и Северна Македонија да преземат заедничка одговорност и да ја вратат позитивната агенда меѓу двете земји во духот на Договорот за пријателство; ја изразува својата поддршка за продолжување на дипломатскиот и социјалниот дијалог со цел со добра волја да се решат билатералните поплаки.
Ќучук предупредува против обидите за поткопување на мирните меѓузаеднички и билатерални односи и жали за сите внатрешни и надворешни дејствија кои ја поткопуваат стабилноста и го загрозуваат регионалното помирување.
На извештајот долг десет страници, поднесени се дури 320 амандмани на 161 страница, за кои ќе расправа Комисијата за надворешни работи, во кои бугарските европратеници ќе се обидат да ги вметнат нивните критики кон Северна Македонија.
Европскиот парламент го поздравува целосното усогласување на Северна Македонија со надворешната и безбедносната политика на Унијата – вклучително и нејзиниот отворен одговор на агресијата врз Украина – во согласност со рестриктивните мерки на Унијата кон Русија и Белорусија.