Германската полиција на 21 мај соопшти дека истражува случај за можно труење на руски дисиденти во Берлин, откако новинар и активистка пријавиле здравствени проблеми по учеството на конференција во Берлин во април, соопшти германската полиција.
Во изјава за РСЕ, покраинската полиција на Берлин го потврди претходното известување на германскиот весник Ди Велт дека полицијата гo истражува случајот за можно труење што го пријавиле две лица кои учествувале на конференцијата на 29 и 30 април.
Двајца учесници имале здравствени проблеми по состанокот на руските дисиденти во Берлин на 29 и 30 април, објави оваа недела руската истражувачка медиумска агенција.
Средбата беше организирана од рускиот милијардер во егзил и критичар на Кремљ, Михаил Ходорковски.
Еден од учесниците, новинар кој неодамна ја напуштил Русија, за време на конференцијата имал неодредени симптоми и рекол дека можеби почнале порано.
Тој се лекувал во Универзитетската болница Шарите во Берлин, каде што беше лекуван и рускиот опозициски лидер Алексеј Навални од труење во август 2020 година, пренесува АФП.
Друга учесничка, Наталија Арно, директорка на невладината организација Фондација Слободна Русија во САД, почувствувала симптоми кога отпатувала во Прага од состанокот во Берлин.
Следниот ден таа отпатувала во САД, каде што живее во последните десет години. Таму се обратила за помош во болница, а го пријавила и случајот кај надлежните власти.
Арно ги опиша симптомите на Фејсбук како силна болка и вкочанетост. Таа напиша дека првите чудни симптоми се појавиле уште пред да пристигне во Прага и додаде дека се чувствува подобро, но дека овие симптоми не исчезнале целосно.
Во последните години неколку противници на Кремљ беа отруени во странство и во Русија. Москва негира дека нејзините тајни служби се одговорни. Во меѓувреме, европските лаборатории потврдија дека Навални бил отруен со советскиот отров Новичок.