Американскиот претседател Џо Бајден, кој престојува во јапонскиот град Хирошима на Самитот на Групата седум најразвиени економии (Г7), денеска ги покани јапонскиот премиер Фумио Кишида и јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол на уште една средба во Вашингтон, по нивната трилатерлана средба на маргините на Самиот на Г7, изјави американски официјален претставник.
„Лидерите разговараа за тоа како да ја издигнат нивната трилатерална соработка на ново ниво, вклучително и за нова координација во соочувањето со незаконските нуклеарни и ракетни закани на Северна Кореја“, се вели во соопштението на Белата куќа објавено по состанокот во Хирошима, Јапонија.
Тие, исто така, разговараа за соработка во споделување на податоци за ракетите на Северна Кореја во реално време, се вели во соопштението на јапонското Министерство за надворешни работи.
Во дискусијата биле вклучени и теми за Индо-пацификот, економската безбедност и ангажманот со Пацифичките острови, се вели во соопштението.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида и јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол претходно денеска имаа билатерална средба, што е нивна трета средба оваа година, додека источноазиските соседи ги подобруваат врските за да се спротивстават на регионалните безбедносни закани.
Бајден ги пофали Кишида и Јун за нивната „храбра работа за подобрување на нивните билатерални врски“, велејќи дека трилатералното партнерство е посилно поради нивните напори, соопшти Белата куќа.
По долгогодишни спорови во врска со јапонската окупација од 1910 до 1945 година, односите меѓу двете земји се одмрзнаа претходно оваа година откако Јун објави план за обештетување на работниците кои беа принудени да работат за време на војната.
Кишида и Јун ветија поблиски врски, бидејќи се обидуваат да се спротивстават на зголемените безбедносни закани од Северна Кореја и Кина.