Договор за седумдневен прекин на огнот во Судан

Архивска фотографија - Чад се издига над зградите по воздушното бомбардирање, за време на судирите меѓу паравоените сили за брза поддршка и армијата во Северен Картум, Судан, 1 мај 2023 година.

Архивска фотографија - Чад се издига над зградите по воздушното бомбардирање, за време на судирите меѓу паравоените сили за брза поддршка и армијата во Северен Картум, Судан, 1 мај 2023 година.

Спорадични борби меѓу завојуваните фракции на Судан може да се слушнат на 21 мај во главниот град Картум, велат жителите, откако договорот, со посредство на Саудиска Арабија и САД, за еднонеделен прекин на огнот ги зголеми надежите дека петнеделниот конфликт ќе попушти.

Договорот за прекин на огнот, потпишан од армијата и ривалските паравоени сили за брза поддршка (РСФ) по разговорите во саудискиот град Џеда, треба да стапи на сила во понеделник навечер со меѓународно поддржан механизам за следење. Тоа овозможува и испорака на хуманитарна помош.

Повторените најави за прекин на огнот од почетокот на конфликтот на 15 април не успеаја да ги запрат борбите, но договорот во Џеда е првпат страните да потпишат договор за примирје по преговорите.

Аналитичарите велат дека не е јасно дали началникот на армијата Абдел Фатах ал-Бурхан или командантот на РСФ Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемедти, можат на терен да спроведат прекин на огнот. И двајцата претходно посочија дека сакат да победат во војната, а ниту еден од нив не отпатува за Џеда.

Видете и ова: Вонредна седница на ОН за Судан

Во конфликтот, 1,1 милион луѓе ги напуштија своите домови, преселувајќи се или на друго место во Судан или во соседните земји, поттикнувајќи хуманитарна криза која се заканува да го дестабилизира регионот.

Оние што сè уште се во Картум се борат да преживеат во услови на масовни грабежи, колапс во здравствените услуги и намалени резерви на храна, гориво, струја и вода.

Судирите во Судан избија на 15 април меѓу суданската армија и паравоените единици предводени од двајца ривалски генерали.

Земјата е втурната во хаос по избувнувањето на крвавата борба за власт меѓу началникот на армијата Абдел Фатах ал Бурхан и неговиот ривал Мохамед Хамдан Дагал, кој ги предводи паравоените сили за брза поддршка.

Бурхан и Хемедти ги имаа главните позиции во владејачкиот совет на Судан откако поранешниот лидер Омар ал-Башир беше соборен за време на народниот бунт во 2019 година.

Разговорите во Џеда беа фокусирани на овозможување помош и обновување на основните услуги. Посредниците велат дека ќе бидат потребни понатамошни разговори за да се побара воените силите да си заминат од урбаните области, како би се постигнал траен мировен договор со цивилно учество.