Вагнер тврди Бахмут е освоен, Киев вели се водат тешки битки

Водачот на Вагнер, Евгениј Пригожин

Руската приватна армија Вагнер на 20 мај соопшти дека конечно го освоила источниот украински град Бахмут по најдолгата и најкрвавата битка во војната, додека Киев негира дека градот паднал, иако ситуацијата таму ја нарече критична, јавува Ројтерс.

Доколку биде потврдено, изјавата на водачот на Вагнер, Евгениј Пригожин, дека неговите војници конечно ги потиснале Украинците од последното населено подрачје во градот, би значело прва голема награда на Москва повеќе од 10 месеци.

Од 20 мај ситуацијата во Бахмут во Доњецката област е „критична“, се вели во пораката на заменичката министерка за одбрана на Украина, Хана Маљар, јавува украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Уништувањето на Бахмут: Сателитски снимки пред и по руските ракетирања


„Во Бахмут се водат тешки битки. Ситуацијата е критична. Во исто време, нашите војници ја одржуваат одбраната во областа „Литак“, рече заменик министерката.

Според неа, украинските одбранбени сили во моментов контролираат одредени индустриски и инфраструктурни објекти во оваа област, како и приватни објекти.

Руските трупи се приближија до Бахмут во летото 2022 година, откако ги завршија офанзивните операции во Северодонецк, Лисичанск, Рубижни и Попаснаја. Активните борби во Бахмут започнаа есента минатата година, но руските сили се уште не успеале целосно да го освојат градот, соопштува украинскиот сервис на РСЕ.

Пригожин, кој постојано ја осудува руската редовна војска за напуштање на теренот заземен претходно од неговите луѓе, рече дека неговите сили за пет дена ќе се повлечат од Бахмут за да се одморат, предавајќи ги урнатините на градот на редовната војска.

„Денес, во 12 часот, Бахмут беше целосно заземен“, рече Пригожин во објавено видео, „Целосно го зазедовме целиот град, од куќа до куќа“, вели тој.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Во акција со украинските сили во Бахмут


Портпаролот на украинската војска Серхиј Черевати за Ројтерс рече дека тоа не е вистина.

„Нашите единици се борат во Бахмут“, вели Черевати.

Британското воено разузнавање на 20 мај соопшти дека се чини оти Москва ја удвојува битката околу Бахмут, преместувајќи повеќе војници таму, иако на друго место им недостигаат.

Москва долго време тврди дека заземањето на Бахмут ќе биде отскочна даска кон напредување подлабоко во регионот Донбас, за кој тврди дека го анектираше од Украина.

Тешката битка достигнува кулминација токму во моментот кога Киев ја подготвува својата контраофанзива.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, пак, отпатува во Јапонија на Самитот на Г7- Групата на седум економски најразвиени земји во светот.