Руските сили во текот на ноќта, извеле напади на неколку локации во Украина, вклучително и главниот град Киев. Нападите доаѓаат во време кога украинскиот претседател Володимир Зеленски отпатува во Јапонија на Самитот на Групата седум водечките светски економии (Г7).
Во пост на Твитер, набрзо по пристигнувањето во јапонскиот град Хирошима, Зеленски напиша „самитот значи безбедност и засилена соработка за нашата победа“.
Видете и ова: Зеленски на самитот на Арапската лига во Саудиска Арабија„Мирот ќе стане поблизок денес“, додаде тој.
На 21 мај, во Хирошима, Зеленски ќе се сретне со лидерите на Г7 за да разговара за руската инвазија и да повика за поголема воена помош.
Г7 ја повика Кина да ја „притисне“ Русија
Лидерите на Г7 ја повикаа Кина да ја „притисне“ Русија да ја прекине инвазијата на Украина и да ги повлече своите сили од украинска територија.
Во соопштението објавено на 20 мај, тие рекоа дека „ја охрабруваат Кина да поддржи сеопфатен, праведен и траен мир заснован на територијалниот интегритет и на принципите и целите на Повелбата на ОН, вклучително и директен дијалог со Украина“.
Лидерите на Г7 го повика Пекинг да продолжи со „мирно решавање“ на односите со Тајван. Исто така, ја отфрлија кинеската милитаризација на Јужното Кинеско Море и нејзините територијални претензии таму.
Над Киев соборени 18 дронови
Во меѓувреме, украинските воени власти соопштија дека земјата издржала повеќе од 60 воздушни напади во последните 24 часа, како и десетици напади врз позициите на украинските војници.
Украинските воени власти соопштија дека во текот на ноќта над главниот град биле соборени 18 дронови.
„Сите откриени воздушни цели беа уништени од нашата противвоздушна одбрана“, рече Сергеј Попко, шеф на воената администрација во Киев, во објава на Телеграм.
Пожар имало и во станбена зграда поради напад со дрон, но нема жртви.
Експлозиите го потресоа и градот Чернихив, североисточно од Киев.
Неколку експлозии беа пријавени во пристанишниот град Мариупол на Азовското Море, окупиран од Русија. Руските медиуми јавија дека експлозии го погодиле аеродромот во градот.
Експлозиите во Мариупол се случија на првата годишнина од руското заземање на градот по неколкумесечни тешки борби кои предизвикаа огромни штети и многу жртви.