Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди дека Македонија ќе треба да и плати отштета од 1600 евра на Елена Доцевска – Божиновска, советничка на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Куманово, поранешна вработена во републичкото Собрание.
Судот на 9 мај пресуди дека нејзе и биле прекршени правата при постапката за одредување притвор за случајот со нападот на Собранието на 27 април 2017, настан познат и како „крвавиот четврток“.
Доцевска – Божиновска пред судот во Стразбур се жалела што судот и обвинителството ги одолговлекувале нејзините жалби на притворот.
Доцевска-Божиновска, беше една од 33-цата обвинети, за случувањата во Собранието на 27 парил 2017. Од нив 31 лице беа обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за помагање. Таа во декември 2018 година беше опфатена со делумната амнестија за обвинетите за 27 април.
Во моменот на нападот на Собранието, таа беше вработена во Кабинетот на тогашниот претседател на Парламентот, Трајко Вељаноски.
По пресудата, Доцевска - Божиновска на својот Фејзбук профил напиша дека „сака правда, а не пари“.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека „одлуката на судот во Стразбур е доказ дека случајот 27 април беше политички процес, процес кој имаше цел да изврши политички притисок врз опозицијата и обезбедување гласови за Уставните измени“.
Видете и ова: Предметот „Организаторите за 27 април“ вратен во Кривичен суд, рочиштето одложено
„ВМРО-ДПМНЕ е за исправање на неправдата и правда за сите. И правда ќе има веднаш по промена на власта“, реагираат од партијата.