На 20 мај, напладне, новоизбраниот претседател на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, ќе положи заклетва и ќе ја преземе должноста претседател на државата.
На инаугурацијата, односно на церемонијата на полагање заклетва што се одржува во Собранието на Црна Гора, ќе присуствуваат околу 200 државници, меѓу кои претставници од регионот, амбасадори и специјалниот пратеник на САД, Габриел Ескобар.
На церемонијата ќе присуствуваат и пратеници од црногорскиот парламент, претставници на Владата, правосудните органи, како и поранешниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, кого Милатовиќ убедливо го победи во вториот круг од претседателските избори на почетокот на април.
Од утрото е блокиран поширокиот центар на Подгорица, како и патот до аеродромот.
Претседателот се избира на пет години, а сите претходни инаугурации беа во Цетиње.
Триесет и седумгодишниот Јаков Милатовиќ е првиот претседател кој не е од Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Ѓукановиќ, која владееше три децении, до август 2020 година, кога ги загуби изборите.
Милатовиќ е еден од лидерите на Движењето Европа сега, основано пред една година. Тој во политиката, пак е од пред три години кога беше назначен за министер во првата влада избрана по падот на ДПС од власт.
Во претседателската трка тој беше поддржан од владејачките партии, прорускиот Демократски фронт, Демократите и од Граѓанското движење Ура.
Од почетокот на 90-тите, Ѓукановиќ шест пати бил премиер и два пати претседател на Црна Гора.
Ѓукановиќ и Милатовиќ во изминатите денови одржаа две средби во рамки на процедурата за примопредавање на функцијата, по што посочија дека Црна Гора е добар пример за демократска транзиција на власта.
Смената на чело на државата доаѓа пред вонредните парламентарни избори закажани за 11 јуни. До нив дојде поради институционалната криза која ги запре евроинтеграциите.
Од смената на власта, за речиси три години паднаа две влади, а обидот да се избере трета беше неуспешен. Во тој период е забележан пораст на етничките тензии.
За време на владеењето на Ѓукановиќ, Црна Гора гласаше за независност на референдум во 2006 година, стана кандидат за членство во Европската унија во 2010 година и влезе во НАТО во 2017 година.
По поразот Ѓукановиќ поднесе оставка од челната позиција во партијата.