Дел од учесниците на третиот по ред протест „Србија против насилството“ во Белград, останаа ноќеска да блокираат дел од меѓународниот автопат во Нов Белград, пренесува Бета.
На автопатот поставиле шатори, а имаше и вреќи за спиење и столчиња. Учесниците на протестот за Бета во текот на ноќта изјавија дека тука ќе останат и понатаму.
На 20 мај ТВ Н1 објави дека демонстрантите утрово се разишле. Фоторепортерката на Радио Слободна Европа околу 9 часот утрово јави дека нема повеќе демонстранти на автопатот.
На блокадите доцна синоќа, според проценките, останале околу илјада луѓе, а имало и дел од опозициски пратеници.
Десетина илјади граѓани протестираа синоќа, по трет пат, со слоганот „Србија против насилството“. Тие излегоа на улица на повик на дел од опозицијата.
Причина за протестот е незадоволството од реакцијата на власта по двете масовни убиства на почетокот на мај во кои се убиени 18 луѓе.
Ден пред протестот во Собранието на Србија почна расправа за безбедносната состојба во земјата и околностите кои довеле до двете масовни убиства, што беше едно од барањата на протестот.
Меѓу другите барања се и оставка на министерот за полиција Братислав Гашиќ и директорот на Безбедносно информативната агенција Александар Вулин.
Тие побараа и смена на Регулаторното тело за електронски медиуми, затворање на таблоидите кои пропагираат насилство и го кршат новинарскиот кодекс, укинување на програмите кои промовираат насилство, како што се реалните шоуа и одземање на националните фреквенции на телевизиите Пинк и Хепи.
Видете и ова: Протест во Белград - „Србија против насилството“Во исто време кога започна протестот „Србија против насилството“, српскиот претседател Александар Вучиќ зборуваше на митингот на неговата Српска напредна партија (СНС) во Панчево, во близина на Белград.
Вучиќ рече дека добил информации од службите од Исток дека протестите во Србија се обиди за обоени револуции. Тој не кажа за кои служби станува збор.