Под слоганот „Србија против насилството“, граѓаните во Белград по трет пат излегоа на улиците на покана на опозицијата. Причина за протестот е незадоволството од реакцијата на власта по двете масовни убиства на почетокот на мај во кои загинаа 18 лица, а 21 беа повредени.
Собирот започна пред Собранието на Србија. Ден пред протестот во Собранието на Србија почна расправа за безбедносната состојба во земјата и околностите кои довеле до двете злосторства.
Седница на Собранието на која ќе се расправа за безбедноста беше едно од барањата на протестот.
Меѓу другите барања се и оставка на министерката за полиција Братислава Гашиќ и директорот на Безбедносно информативната агенција Александар Вулин.
Тие бараат и замена на Регулаторното тело за електронски медиуми, затворање на таблоидите кои пропагираат насилство и го прекршуваат кодексот и одземање на националните фреквенции од телевизиите Пинк и Хепи.
Се бара и откажување на програмите кои промовираат насилство, како што се реалните шоуа.
По трагедијата во ОУ „Владислав Рибникар“, министерот за образование Бранко Ружиќ поднесе оставка.
На 3 мај 13-годишен ученик уби осум ученици и еден чувар и рани шест ученици и еден наставник. Едно повредено девојче подоцна почина и таа е десеттата жртва. Еден ден подоцна, на 4 мај, во селата Мало Орашје и Дубона во близина на Белград, 21-годишен напаѓач уби осум, а рани 14 лица. Напаѓачот е уапсен и го признал делото.
По тие настани, надлежните го зголемија полициското присуство во училиштата и ги повикаа граѓаните да го предадат оружјето на полицијата.