Десетици Грузијци демонстрираа пред аеродромот во главниот град на Грузија откако слета руски патнички авион во оваа земја за прв пат од 2019 година.
Држејќи грузиски и украински знамиња, демонстрантите се собраа веднаш пред аеродромот.
„Не сте добредојдени“, пишуваше на еден транспарент, додека на друг пишуваше: „Русија е терористичка држава“.
Една од демонстрантите, активистката за човекови права Лана Гвињилија, рече дека обновувањето на редовните летови со Русија „значи дека нашата влада соработува со Кремљ“.
Обновувањето на воздушниот сообраќај доаѓа додека Москва ја продолжува својата инвазија во Украина, која сега влегува во втората година, при што повеќето западни авиокомпании ги откажаа летовите за Русија.
Русија го забрани воздушниот сообраќај со Грузија како одговор на антимосковските протести во Тбилиси во 2019 година. Меѓутоа, минатата недела рускиот претседател Владимир Путин ненадејно ја укина забраната за летови, што предизвика демонстрации на стотици луѓе во Грузија.
Видете и ова: Грузиската претседателка: Одлуката на Москва за обновување на безвизниот режим е неприфатливаПутин воведе и 90-дневен безвизен режим за грузиските граѓани.
„И покрај противењето на грузискиот народ, Русија слета во Тбилиси“, напиша на Твитер проевропската претседателка на Грузија, Саломе Зурабишвили.
Премиерот Иракли Гарибашвили пак, го поздрави враќањето на летовите како „многу позитивна одлука“ на Владимир Путин. Тој посочи дека во Грузија ќе им биде дозволено да оперираат само руски авиокомпании и авиони кои не се погодени од западните санкции. Тој рече дека односот на неговата влада кон Русија е обликуван од „стратешкото трпение и прагматичната политика“.
Грузија поднесе барање за членство во ЕУ со Украина и Молдавија, откако Русија го нападна нивниот западен сосед во февруари 2022 година.
Минатиот јуни, лидерите на Европската унија им доделија формален кандидатски статус на Киев и Кишињев, но го повикаа Тбилиси да го реформира судскиот и изборниот систем, да ја подобри слободата на медиумите и да ја намали моќта на олигарсите.
Грузија не воведе санкции против Русија и им дозволи на десетици илјади руски граѓани да се преселат таму, а многу од нив бегаат од мобилизација.