Сѐ поголем е бројот на лекари кои заминуваат од земјава изјави денеска д-р Драган Ѓорѓиевски, претседател на Здружението на лекари по општа семејна медицина на прес-конференцијата, по повод Светскиот ден на семејниот лекар.
Ѓорѓиевски рече дека незадоволството е големо и побара министерството за здравство да ги донесе измените во законот за здравствена заштита со што, како што рече, ќе се решат дел од проблемите.
„Се подготви една форма на закон за здравствена заштита, што веќе четири месеци седи во Министерството, иако се подготвени со помош на лекарската комора точките за тој закон. Никако не се донесува, а се решаваат значајни прашања и за младите доктори и за концесионерите коишто работат кај млади лекари, да можат да продолжат понатаму во тие ординации. Бидејќи ние губиме константно млади доктори и кои остануваат без работа поради нерешените прашања“, рече Ѓорѓиевски.
Видете и ова: Партизацијата и непотизмот ги бркаат лекарите од земјаваВо меѓувреме како што посочи Ѓорѓиески расте бројот на хронични заболувања кај населението, пред сѐ дијабетот, хипертензиите и аритмиите, како едни од најчестите заболувања, и кај средната и кај младата популација, предизвикани од корона вирусот, а за термини се чека и по три месеци што резултира со задоцнети дијагнози.
„За да можеме да ги лекуваме болестите во рана фаза, да имаме подобар исход, а не во доцен стадиум. Ние во моментот мораме да закажеме на специјалист, каде што се чека по три месеци, па специјалистот да му закаже иследување уште за два три месеци, а тој временски период напреднала болеста“, рече Ѓорѓиевски.
По повод Светскиот ден на лекарите по семејна медицина, лекарите пуштија симболично 30 балони, на кои беа закачени пораки и посочувања до здравствените власти.