Ковачевски: Коалициските партнери даваат поддршка за продолжување на европскиот пат

Димитар Ковачевски - Премиер на РСМ

ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да одлучи дали ќе се приклучи на европскиот блок или ќе остане во заложништво на Левица. Многу брзо ќе треба да одлучат дали ќе го фатат последниот воз и ќе се приклучат на проевропскиот блок кој неминовно оди и носи одлуки за приклучување на Северна Македонија во ЕУ, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски по средбата со коалициските партнери.

Видете и ова: Поддршка од САД за уставните измени - можеби изгледаат минорно, но се тешки

Посочи дека денеска со коалициските партнери се сложиле дека заедничка цел е земјата да оди напред и да се движи со демократскиот и прогресивниот свет.

„Денес кога е повеќе од кога било досега важно Европа да остане обединета целосна, слободна и во мир со нашите стратешки партнери се согласивме дека истото не е можно без интеграција на Северна Македонија и земјите од Западен Балкан во европското семејство. Токму затоа евроатлантската интеграција на Северна Македонија и нејзиниот демократски развој, безбедност и стабилност се особено важни за нашите стратешки партнери САД“, рече Ковачевски и ги повика сите партии и општествени чинители да се приклучат кон остварување на стратешките цели на државата.

Полноправното членство во ЕУ до 2030 година, според Ковачевски, е амбициозна, но достижна цел. „Оваа владина коалиција е стабилна и силно обединета и ќе ја оствари таа цел, рече Ковачевски.