Зеленски на самитот на Арапската лига во Саудиска Арабија

Володимир Зеленски пристигнува во Саудиска Арабија, 19 мај 2023 година

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ненадејно дојде на самитот на Арапската лига во Џеда во петокот, на кој за прв пат по повеќе од една деценија присуствува и сирискиот претседател Башар ал Асад.

На 19 мај Зеленски објави дека ја започнал посетата на Саудиска Арабија, со цел „да ги подобри билатералните односи на Украина и врските со арапскиот свет“.

Тој рече дека ќе им се обрати на учесниците на самитот на Арапската лига и ќе разговара за третманот на муслиманските Татари кои живеат под руска окупација на Крим.

Зеленски дојде во Саудиска Арабија по посетата на многу земји, главно сојузници на Украина.

Видете и ова: Украина одби руски напад врз Киев

Агенциите јавуваат дека Зеленски ќе присуствува и насамитот на Г7 во Хирошима, Јапонија.

Повеќето арапски држави зазедоа неутрален став за руската војна во Украина, а многу од нив одржуваат блиски врски со Москва.

Саудиска Арабија вети 400 милиони долари помош за Украина оваа година и гласаше за резолуциите на ОН со кои се повикува Русија да ја прекине војната и да се воздржи од анексија на украинска територија.

Се очекува фокусот на годишниот самит на Арапската лига, кој го сочинуваат 22 држави, да биде ситуацијата во Судан, каде веќе еден месец траат судирите меѓу силите предводени од двајцата водечки генерали во земјата.

Стотици луѓе загинаа во борбите, а десетици илјади беа раселени.