Поранешната претседателка на Судски совет Весна Дамева поднесе тужба до Управниот суд со која ја оспорува законитоста на донесената одлука за нејзиното разрешување од функцијата претседател на Судскиот совет.
„Поднесов тужба до Управниот суд, со која ја оспорувам законитоста на донесената одлука за мое разрешување од функцијата претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија, која во основа се заснова на фактите кои веќе и се познати на јавноста, а тие се дека одлуката е донесена без постоење на законски основ и без да биде спроведена постапка пропишана со закон“, изјави Дамева за МИА.
Дамева поднела и кривична пријава до ОЈО Скопје поради како што вели постоење на основи на сомнение дека е сторено и кривично дело Злоупотреба на службената должност и овластување, со цел да биде разрешена.
Правната заштита, како што појаснува, ја бара не поради неа лично, туку поради заштита на угледот на институцијата Судски совет и функцијата претседател на Судскиот совет.
Дамева пред неполн месец, на 26 април, беше разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет. На седницата на Судскиот совет настана расправија откако Дамева одби да стави точка на гласање која ја немаше во дневниот ред. Нејзиниот заменик Селим Адеми повика на гласање за нејзино разрешување, при што седум члена го поддржаа, по што тој констатираше дека Дамева е разрешена и во нејзино присуство го презеде раководењето со седницата.
Весна Дамева беше избрана за претседателка на Судскиот совет на местото на Павлина Црвенковска во декември минатата година. Функцијата претседател на Судски совет сега ја извршува Сашко Георгиев.