Договорот со Бехтел и Енка стигна во рацете на антикорупционерите

Македонија - Државна комисија за спречување на корупцијата

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) го добила Договорот со американско-турскиот конзроциум „Бехтел и Енка“ што го побара како дел од документацијата за предметот што го отвори во однос на проектот за изградба на коридорите 8 и 10д по објавите во медиумите околу изборот на надзорот и веќе формирала тим од четворица советници за анализа на предметот.

„Го побаравме договорот, го добивме и работиме на сите документи, што значи сега анализата е во тек“, изјави денеска претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, во одговор на новинарско прашање.

Ивановска рече дека не може да каже рокови, но нагласи дека тој предмет „им тежи најмногу“ и оти со сите сили се вложени за да се сработи побрзо.

Видете и ова: Агелер-Опозициските критики за „Бехтел“ се за политички поени

Уште од самиот почеток овој проект го следат контроверзии. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали со фирмите за надзор.

Официјално, почетокот на изградбата на Коридорот 8 беше означен на свечена церемонија на 4 април, додека „камен темелник“ на Коридорот 10 Д се постави на 12 мај. Според најавите, автопатите треба да бидат завршени за 4 години и седум месеци, а проектот за изградба на коридорите ќе чини 1,3 милијарда евра.