Американскиот Сенат предложи нов закон за Западен Балкан

Србија - Американскиот сенатор Џин Шахин зборува за време на прес-конференција во амбасадата на САД во Белград, Србија, 19, 2022 година

Претседателката на Поткомитетот за Европа во Комисијата за надворешни политички односи на Сенатот на САД, сенаторката Џин Шахин, со поддршка на нејзините колеги од двете политички партии, уште еднаш го предложи „Законот за демократија и просперитет на Западен Балкан“ на новото свикување на Сенатот.

Со поддршка на сенаторите Роџер Викер, Бен Кардин, Дик Дурбин и Крис Ван Холен, целта на предлогот на сенаторот од Њу Хемпшир е да се унапреди соработката меѓу земјите од Западен Балкан, но и соработката на тие земји со Соединетите Американски Држави на полето на сајбер безбедноста и сајбер отпорноста, имајќи ги предвид „штетните напори на Иран и Русија да ги направат земјите од регионот нивна цел“, пренесува Гласот на Америка.

Видете и ова: Во Сенатот на САД претставен нацрт-закон за демократија и просперитет на Западен Балкан

Според соопштението од веб-страницата на сенаторката Шахин, законот поддржува „демократска стабилност и економски развој на регионот, преку иницијативи во инфраструктурата, трговијата и антикорупцијата, вклучително и правно формализирање на санкциите, со цел да се одвратат актерите кои водат дестабилизирачки активности. "

Законот повторно влезе во процедура на Сенатот во четвртокот, непосредно пред расправата на Комисијата за надворешни политички односи за Западен Балкан.

Речиси истата група сенатори го предложи на последното свикување на Сенатот, но не беше усвоен.

„Одржувањето на мирот и зајакнувањето на демократијата на Балканот е од клучно значење за европската безбедност и стабилност, особено додека продолжува неиспровоцираната војна на Путин во Украина“, рече Шахин.

„Мојот двопартиски нацрт-закон ќе ја зајакне трговијата и инвестициите меѓу Соединетите Американски Држави и Западен Балкан, ќе ја искорени корупцијата, ќе ги кодифицира санкциите против дестабилизирачките актери и ќе испрати силен двопартиски сигнал дека САД се посветени на нашите партнери во регионот“, додаде сенаторката, член на Демократската партија.

Видете и ова: Ескобар: Не бараме опозицијата да го поддржи Ковачевски туку европскиот пат на С. Македонија

„Балканот е дом на разновидно и живописно културно наследство, а неговата геополитичка важност продолжува да расте“, рече републиканскиот сенатор Викер.

„Бруталната руска инвазија на Украина ја нагласува важноста на нашите балкански партнерства. Усвојувањето на овој предлог-закон ќе послужи како јасна, двопартиска изјава за посветеноста на Соединетите Држави за зајакнување на нашите дипломатски партнерства во регионот“, рече Викера.

Законот предвидува воспоставување регионална иницијатива за трговска и економска конкурентност, кодификација на два постоечки извршни уредби за воведување санкции за корупција и закани за мирот и стабилноста на Западен Балкан.

Исто така, намерата на законското решение е да се покрене иницијатива за борба против корупцијата, со што американскиот државен секретар би го упатил да обезбеди техничка помош за сите земји во развојот на националните стратегии за борба против корупцијата.