Бугарско МНР - Цинична е секоја споредба на Македонија со Украина

Знамиња на Македонија, Бугарија и ЕУ.

„Секоја аналогија со страдањата на украинскиот народ во актуелната неоправдана војна на Русија е цинична и неприфатлива“, реагира бугарското Министерство за надворешни работи (МНР) на изјавата на премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, дадена пред Советот на Европа на 17 мај.

Ковачевски вчера го спореди дискурсот кој се користи во Бугарија кон Македонија со рускиот кон Украина, како одговор на бугарската потпретседателка Илијана Јотова и нејзиниот говор за „обесправените Бугари во Северна Македонија“.

Според Ковачевски, обвинувањата од Јотова се целосно неосновани и доаѓаат од земја која што не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права и стандардите на Советот во областа на човековите права.

Бугарското МНР смета дека е недозволиво да се изразува загриженост за основните права на една заедница и да се користат како изговор за неосновани и жестоки напади врз земја членка на Европската унија.

„Изјавата на Ковачевски, уште еднаш јасно го искажува вистинскиот однос на Скопје кон основните вредности на ЕУ“, се наведува во соопштението.

Во него се додава дека европската перспектива на Северна Македонија бара строга имплементација на европскиот механизам, воспоставен во јули 2022 година.

„Обидите да се префрли фокусот на јавноста од недостатокот на волја за исполнување на заеднички договорените обврски не се продуктивни и се во спротивност со постојано декларираната намера да се изградат добри меѓусоседските односи“, реагира бугарското МНР.

Министерството за надворешни работи на Бугарија ги повикува властите во Северна Македонија да покажат политичка храброст и да започнат со спроведување на обврските што ги презедоа кон сите земји-членки на ЕУ за да се заврши фазата на отворање на пристапните преговори.

„Европската иднина на Северна Македонија лежи во нејзини раце“, се наведува во соопштението.

Македонските и бугарските политичари во последниве два дена разменија „силни зборови “ со што ја заострија реториката во македонско- бугарските односи.

Внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за отворање на поглавјата во преговорите со Европската унија.