Американската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер е уверена дека процесот во кој е инволвиран „Бехтел“ е законски и транспарентен бидејќи, како што вели, тоа е начинот на кој функционира оваа компанија. Таа додава дека американската компанија „Бехтел“ не би имала проекти насекаде во светот и неколку во регионот на Западен Балкан. Американско- турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ ќе ги градат Коридорите 8 и 10-д. Проектот ќе чини 1,3 милијарда евра.
Таа во интервју за новинската агенција МИА изјави дека е разочарана од тоа што опозицијата критикува без да ги има сите информации, само за добивање политички поени.
„Сметам дека мошне е разочарувачки тоа што тие во опозицијата критизираат без сите факти или критизираат нешто за што немаат информација. Тоа го прават едноставно само за да бидат против Владата. Да, тоа е работа на опозицијата, но истовремено сум целосно уверена дека процесот во кој е инволвиран „Бехтел“ е целосно транспарентен и законски. Разговорите мислам сè уште траат, но сметам дека е жално што има такви, кои ќе застанат на патот едноставно за да заработат политички поени“, изјави Агелер.
Опозициската партија изминатиот период обвинува дека договорот е штетен и дека има услови за корупција. Од ВМРО-ДПМНЕ бараат да го видат договорот, кој е недостапен за јавноста. Договорот со американско – турскиот конзорцум „Бехтел и Енка“, кој треба да ги гради автопатиштата Тетово - Гостивар – Букојчани, Прилеп – Битола и Струга Ќафасан, последните месеци е топ тема во јавноста. За овој проект во јули 2021 година беше склучен посебен закон „во четири очи“.
Појавувањето на Агелер на одбележувањето на почетокот на изградбата на автопатиштата кои ќе бидат дел од коридорите, според неа, говори за нејзината проамериканска бизнис-ориентација.
„Јас сум пред сè Американка, јас не гласам тука, немам партија во Северна Македонија, не сум член на ниту една политичка партија. Како и да е, јас сум многу проамерикански бизнис-ориентирана и ние во амбaсада правиме сè што е во наша моќ за да ја помогнеме промоцијата на американските инвестиции тука, бидејќи тоа не е добро само за американските инвеститори за американските компании, туку тоа е мошне важно за граѓаните на оваа земја“, изјави таа.
Видете и ова: Трнлив пат до автопатПоследното прашање кое беше покренато во јавноста за изградбата на Коридорите 8 и 10-д се однесуваше на измената на закони со кои би требало да му се олесни работниот процес на американско-турскиот конзорциум. Во тој пакет спаѓаат законите за работни односи, за градба, за урбанистичко планирање и за експропријација.
„Не загрижува означувањето на законите поврзани со коридорите 8 и 10д со европско знаменце, со оглед на тоа што тука нема усогласување со стандардите на ЕУ“, изјави на 10 мај евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир.
Видете и ова: Гир: Загрижува европското знаме на закони кои не се дел од усогласување со стандардите на ЕУУште од самиот почеток овој проект го следат контроверзии. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали со фирмите за надзор. Според најавите, автопатите треба да бидат завршени за 4 години и седум месеци.
Официјално, почетокот на изградбата на Коридорот 8 беше означен на свечена церемонија на 4 април, додека „камен темелник“ на Коридорот 10 Д се постави на 12 мај.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Коридорот 8 треба да биде долг 68 километри, со автопат со шест ленти, од Тетово до Гостивар, а потоа од Гостивар го Букојчани - кичевско, па преку Струга до Ќафасан. Коридорот 10-Д од Прилеп до Битола треба да има исто така шест ленти и да биде долг 40 километри.