Дожд и политика
МАКЕДОНИЈА - Во полициска акција спроведена рано утринава 15 луѓе биле уапсени, по направени претреси на 27 локации во Арачиново, Сингелиќ, Кисела Вода, Карпош и Шуто Оризари, соопшти Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција под чие раководство се водла акцијата.
МАКЕДОНИЈА - Дискурсот кој се користи од Бугарија кон Северна Македонија, за жал, е многу сличен на дискурсот кој Руската Федерација го користи кон Украина и неприфатливо е таквите обвинувања да се злоупотребуваат за политички цели особено во овој клучен период за иднината на Европа. Ова денеска, 17 мај, го изјави премиерот Димитар Ковачевски на генералната дебата „Обединети за Европа“ на Самитот на Совет на Европа во Рејкјавик, откако претходно на истиот Самит, бугарската потпретседателка Илијана Јотова говореше за правата на Бугарите во Северна Македонија.
МАКЕДОНИЈА - Ако ние не бевме во НАТО и не ги споделувавме сите информации во тој систем, немаше да можеме да се справиме со сите други пропаганди и лажни вести, изјави денеска претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски.
ТУРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска најави продолжување на договорот за два месеци според кој Украина доставува жито преку Црното Море на светските пазари.
КИНА - Специјалниот претставник на Кина Ли Хуи пристигна во Киев на разговори со високи украински претставници. Оваа посета е на највисокото ниво кадешто претставник на Пекинг дошол во Украина, откако Русија ја започна инвазијата во февруари минатата година.
БИХ - Во Унско-санскиот кантон на западот на Босна и Херцеговина (БиХ), поради поплави и обилни дождови, прогласена е состојба на природна катастрофа - потврди за Радио Слободна Европа градоначалникот на Бихаќ, Елведин Седиќ.
МАКЕДОНИЈА - Судот во Тетово му одреди казна затвор од една година и три месеци на анестезиологот Валтон Дервиши, кој снимаше и на „ТикТок“ објави видеа со пациенти и од медицински персонал на одделението за Гинекологија во болницата во Тетово. На почетокот на судењето тој ја призна вината, по што судот му ја одреди казната.
ИТАЛИЈА - Властите во северна Италија денеска ги предупредија жителите да се преселат на повисоки места поради стравувањата дека реките надојдени од дожд ќе ги срушат одбранбените насипи. Три лица веќе загинаа во поплавите во Италија, додека повеќе од 5.000 се евакуирани.
СРБИЈА - Според првичните информации, пријави за подметнати експлозивни направи биле примени на 17 мај на електронските адреси на 78 основни и 37 средни училишта во белградските општини, соопшти Министерството за образование на Србија.
САД - Американскиот претседател Џо Бајден е оптимист дека може да се постигне договор за зголемување на лимитот за задолжување на САД, како и претседателот на Претставничкиот дом, Кевин Мекарти, кој дури се надева на договор до крајот на неделата.
УКРАИНА - Русија во изминатите 24 часа продолжи да врши притисок врз источниот украински град Бахмут, објави денеска украинската армија. Руските сили гранатирале цивилни цели на југ, ден по еден од најтешките воздушни напади кои беа извршени врз Киев и други украински градови.
ЕУ - Лидерите низ Европа се фокусирани да ја повикаат Русија на одговорност за нејзината инвазија врз Украина, на самитот на 46-члениот Совет на Европа, кој се смета за чувар на демократијата, човековите права и владеењето на правото на континентот.