Ако ние не бевме во НАТО и не ги споделувавме сите информации во тој систем, немаше да можеме да се справиме со сите други пропаганди и лажни вести, изјави денеска претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски.
„Ако ја споредиме пенетрацијата на руските служби во регионот, особено во Македонија, сега и таа не е толку голема во споредба со 2018-та година, кога го организиравме референдумот за членство во НАТО, и особено пред таа кампања, кога странски ентитети воспоставија 35 интернeт портали преку ноќ во земјава, од кои 2/3 имаа слични имиња на веќе постоечки“, рече Пендаровски.
Видете и ова: „Репортери без граници“ - Со дезинфомации и непрофесионализам до недоверба во медиумитеПретседателот Пендаровски денеска учествуваше на лидерски состанок во организација на Белградскиот центар за безбедносна политика, насловен „Руската агресија врз Украина: Нов моментум за проширувањето на EУ?“.
Тој зборуваше за значењето на членството во НАТО и влијанието на руската пропаганда на Балканот.
Пендаровски се осврна и на билатералниот спор со Бугарија, како пречка за интеграциите на Северна Македонија кон ЕУ.
Тој рече дека пред две и пол години Бугарија почнала да изнесува барања кои „немаат никаква допирна точка со ЕУ критериумите.'
„Започнаа да зборуваат за македонскиот етнички идентитет, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, дека во периодот од 1941 до 1944 тие биле администратори, а не окупатори и сето тоа беше во писмена форма дисеминирано до сите амбасадори. Таков тип на историски ревизионизам е апсолутно недозволив во секоја сериозна дискусија, рече претседателот Пендаровски“, додавајќи дека таков дијалог не прилега од страна на земја членка на ЕУ.
Видете и ова: Има ли листа на бугарски државјани на кои им е забранет влез?Скопје и Софија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, но Бугарија во 2019 година стави вето Северна Македонија да добие датум за почеток преговорите за членство во ЕУ поради историски, јазичен и идентитетски спор.
Минатото лето Северна Македонија ги почна пристапните преговори со надминување на бугарската блокада по усвојувањето на францускиот предлог, но Бугарија како членка на ЕУ го условува отворањето на поглавјата на Македонија со внесување на Бугарите во македонскиот Устав.
Во моментов ЕУ прави скрининг на сите 33 поглавја за пристапување: од заштита на потрошувачите, до надворешна политика за да види што Северна Македонија треба да направи на секое политичко поле за да стане членка. Овој процес најверојатно ќе заврши наесен.
Но, сепак како и која било друга од 26-те земји-членки на ЕУ, Бугарија мора да даде зелено светло за отворање, но и за затворање на секое поглавје од преговорите и тука земјата повторно може да стави вето.