Ердоган: Договорот за извоз на украинско жито продолжен за два месеци

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска најави продолжување на договорот за два месеци според кој Украина доставува жито преку Црното Море на светските пазари.

„Со напорите на нашата земја, поддршката на нашите руски пријатели, придонесот на нашите украински пријатели, беше одлучено да се продолжи договорот за житото од Црното Море за уште два месеци“, објави Ердоган ден пред истекот на договорот.

Русија се согласи да не ги блокира бродовите да ги напуштат двете украински пристаништа, рече Ердоган, изразувајќи надеж дека договорот ќе биде „корисен за сите страни“.

Тој им се заблагодари на рускиот претседател Владимир Путин, на украинскиот претседател Володимир Зеленски и на генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш за нивната улога во продолжувањето на договорот.

Видете и ова: Специјалниот претставник на Кина Ли Хуи пристигна на разговори во Киев

Украина беше еден од најголемите светски извозници на жито пред руската инвазија во февруари минатата година.

Руски воени бродови ги блокираа украинските пристаништа на Црното Море, со што цените на храната пораснаа на светските пазари и несразмерно ги погодија најсиромашните во светот.

ОН и Турција посредуваа за договор на Црното Море во првите 120 дена од војната во мај 2022 година за да помогнат во решавањето на глобалната криза со храна влошена со инвазијата на Москва врз Украина, еден од водечките светски извозници на жито.

Но, оттогаш, договорот периодично беше загрозен, бидејќи Русија и Украина се мачеа да се договорат за неговото обновување пред истекот на роковите.

Обидот на Украина да извезе повеќе од своите земјоделски производи по копно, предизвика несогласувања со соседните земји на ЕУ, каде земјоделците рекоа дека цената на нивните производи е намалена.