Европската комисија објави извештај за состојбата во Шенген зоната каде, меѓу другото, се оценува дека усогласувањето на визната политика на земјите од Западен Балкан со политиките на Европската унија (ЕУ) придонело за значително намалување на бројот на емигранти кои илегално преминуваат на европска територија.
Во таа насока, се потврдува дека Србија од октомври минатата година повторно го воведе визниот режим за граѓаните од шест земји, кои спаѓаат во категоријата т.н. трети земји. Тоа се Бурунди, Тунис, Индија, Гвинеја-Бисао, Куба и Боливија.
Усогласувањето на визната политика со политиките на ЕУ е редовно барање на европските претставници до Белград во светло на зголемениот број илегални мигранти кои ја користат балканската рута за да влезат на територијата на ЕУ.
Видете и ова: „Западнобалкански КВАД“- нова иницијатива без сите земји од регионотШто се однесува до другите земји во регионот, извештајот потврдува дека Црна Гора воведе визен режим за Куба и Обединетите Арапски Емирати, а Северна Македонија го стори истото за Боцвана, Куба и Азербејџан.
Во извештајот се нагласува дека во претходната година, нерегуларната миграција достигна највисоко ниво од 2016 година со 330 000 илегални гранични премини пријавени од Европската агенција за гранична и крајбрежна стража - Фронтекс.
„Таканаречената балканска рута учествуваше со 43 отсто од сите нередовни влезови во 2022 година“, се вели во објавениот извештај.
Сепак се наведува дека од ноември 2022 година започнал трендот на намалување на нередовните гранични премини.
Извештајот ја нагласува важноста на заедничката визна политика, која се смета за составен дел на Шенген и еден од најважните инструменти за решавање на безбедносните ризици и предизвици од нерегуларната миграција за Шенген зоната. Во таа насока се потенцира важноста од укинување на „Златните пасоши“ што подразбира доделување државјанства на инвеститорите.