Од Лога до Зеленски
ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Велика Британија вети дека на Украина ќе и даде стотици проектили и дронови во обид да го промени текот на војната. Ветувањата се дадени за време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Велика Британија. Тој во понеделникот допатува во посета на Лондон, во рамки на неговата европска турнеја со цел да обезбеди ново оружје за контраофанзивата против Русија.
СРБИЈА / КОСОВО / ЕУ - Средбата на главните преговарачари на Србија и Косово во посредство на специјалниот претставник на Европската Унија Мирослав Лајчак заврши без резултат. Главниот преговарач на Србија, Петар Петковиќ, изјави дека на средбата српската страна повторно инсистирала на формирање Заедница на општини со српско мнозинство на Косово.
КОСОВО - Косовските власти соопштија дека уапсиле пет лица осомничени за терористички акти. Во соопштението на косовската полиција, на 15 мај е наведено дека полициската акција била спроведена на шест локации во регионот на Пеќ, Приштина и Гњилане, при што беа уапсени петмина осомничени.
БУГАРИЈА - Лидерката на бугарската Социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова попладнево изјави дека одлучиле да ги прекинат сите разговорите со ГЕРБ за првиот мандат за формирање нова влада во земјата.
ПОЛСКА - Во Полска пристигнаа првите пет американски повеќецевни ракетни фрлачи Химарс, што Полска ги нарача во 2019 година по цена од 414 милиони долари, пристигнаа во Полска во понеделникот на 15 мај. Полска нарача вкупно 20 ракетни фрлачи Химарс. А годинава Соединетите американски држави се согласија да и подадат на Полска постепено 500 вакви ракетни фрлачи.
МАКЕДОНИЈА - Наскоро ќе биде избран јавен обвинител за врски меѓу Северна Македонија и Европравда( Eurojust), најави на 15 мај министерот за правда Кренар Лога во своето обраќање на конференцијата за започнување на проектот на Европравда – „Подобрување на прекуграничната соработка во кривичната правда во Западен Балкан“ во Хаг.
БУГАРИЈА - Претседателот на Бугарија Румен Радев и го додели мандатот за формирање влада на кандидатката за премиер на земјата од редовите на ГЕРБ-СДС, Марија Габриел.
БЕЛОРУСИЈА - Свјатлана Цихановскаја, лидерка на белоруската опозиција, која сама замина во прогон, на 15 мај ја повика белоруската јавност и меѓународната заедница „да бидат подготвени за секое сценарио“, бидејќи Минск и државните медиуми избегнуваат да одговорат на гласините дека белорускиот лидер Александар Лукашенко е болен.
СРБИЈА - Почина ученичка, која се лекуваше на Детската клиника во Белград, откако беше ранета при пукањето во ОУ „Владислав Рибникар“, потврдија од Министерството за здравство, пренесе РТС.
УКРАИНА - Украинската војска го поздрави неодамнешниот напредок околу Бахмут, како прв успешен контранапад во борбата против руските сили, кои се борат за контрола на источниот град, објави Ројтерс.