Нема напредок во новата рунда од дијалогот Србија - Косово

Специјалниот европски претставник Мирослав Лајчак, Преговарачот на Косово Бесник Бислими и преговарачот на Србија Петар Петковиќ

Средбата на главните преговарачари на Србија и Косово во посредство на специјалниот претставник на Европската Унија Мирослав Лајчак заврши без резултат. Главниот преговарач на Србија, Петар Петковиќ, изјави дека на средбата српската страна повторно инсистирала на формирање Заедница на општини со српско мнозинство на Косово.

Тој обвини дека косовскиот преговарач Беким Бислими не дал конкретни одговори на како што вели важните прашања.

„Бислими не сакаше да даде никакви конкретни одговори на тоа, тој цело време се обидуваше со разни упади да го направи безначаен текот на дијалогот“, изјави Петковиќ на новинарите.

Главниот преговарач на Косово, Бислими, изјави дека разговарале само за насоката во која се движи дијалогот и за се што е „поврзано со спроведувањето на договорот“.

Тој потврди дека Лајчак при посетата на Приштина и Белград на крајот на минатата недела донел неколку документи поврзани со надлежностите на механизмот за спроведување на договорот, како и со надлежностите за спроведување на Декларацијата за исчезнати.

„Договорот што го постигнавме во Охрид јасно кажува дека ниту еден член од договорот не условува друг член и дека сите одредби ќе се применуваат независно. Тоа е мапа за нас. Не верувам дека ЕУ е подготвена да избегне документ што самата го креираше и објави“, рече Бислими на крајот од средбата.

Засега нема најави кои ќе бидат следните чекори и кога повторно би се сретнале главните преговарачи.

Видете и ова: Во Брисел продолжува дијалогот Србија - Косово


Од договорот што го постигнаа лидерите на Србија и Косово, на 27 февруари во Брисел и на 18 март во Охрид, преговарачите прво се среќаваат за да ги усогласат ставовите. Во случај на договор се создаваат услови за свикување нова рунда разговори на највисоко ниво за да можат лидерите да стават политички печат на она што го договориле преговарачите.

Последниот состанок во Брисел се одржа на 2 мај, на кој учествуваа Вучиќ и Курти, а беше усвоена и Декларацијата за исчезнати лица, но не беше постигнат напредок по прашањето за Заедницата на општините со српско мнозинство на Косово.