Лидерката на бугарската Социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова попладнево изјави дека одлучиле да ги прекинат сите разговорите со ГЕРБ за првиот мандат за формирање нова влада во земјата.
„Донесовме одлука за прекинување на разговорите со ГЕРБ - ниту за учество, ниту за поддршка“, изјави Нинова на 15 мај пред новинарите во Софија.
„Доста направивме, хаосот и лицемерието што го демонстрираат не може да продолжи, барем за нас“, коментираше таа.
Претседателот на Бугарија денеска Румен Радев и го додели мандатот за формирање влада на кандидатката за премиер на земјата од редовите на ГЕРБ-СДС, Марија Габриел.
Според Уставот, Габриел има рок од 7 дена да го предложи составот на Советот на министри. Доколку не успее, претседателот ќе го предаде следниот мандат на втората по големина пратеничка група - „Продолжуваме со промените - Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ).
На 2 април во Бугарија се одржаа петтите по ред предвремени парламентарни избори за две години. ГЕРБ победи на изборите, но со недоволна поддршка за самостојно владеење.
Во последните недели партијата имаше разговори со сите партии и засега нема јасна поддршка од доволно партнери за формирање на кабинет со мнозинство во Парламентот.