Зеленски во Лондон доби ветување за воена помош, но не и за авиони

Британскиот премиер Риши Сунак разговара со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, 15 мај 2023 година

Велика Британија вети дека на Украина ќе и даде стотици проектили и дронови во обид да го промени текот на војната. Ветувањата се дадени за време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Велика Британија. Тој во понеделникот допатува во посета на Лондон, во рамки на неговата европска турнеја со цел да обезбеди ново оружје за контраофанзивата против Русија.

Зеленски се состана со британскиот премиер Риши Сунак. Тие разговарале и за барањето на Украина западот да и даде борбени авиони.

Велика Британија не планира да испрати борбени авиони во Украина откако украинската војска навести дека би била среќна доколку користи Ф-16, изјави денеска портпаролот на премиерот Риши Сунак.

На прашањето дали Британија ќе испрати борбени авиони во Украина, портпаролот рече: „Нема планови за такво нешто“.

Велика Британија најави дека летово ќе започне со основна обука на украинските пилоти.

Сунак рече дека Британија ќе и обезбеди на Украина стотици ракети за противвоздушна одбрана и дополнителни воздушни системи без екипаж, вклучително и беспилотни летала со долг дострел со дострел од повеќе од 200 километри, кои ќе бидат испорачани „во наредните месеци“.

Кремљ соопшти дека Русија ја гледа одлуката на Британија да и достави повеќе воена опрема на Украина „крајно негативно“, но дека не верува дека помошта на Лондон ќе го промени текот на конфликтот.

Видете и ова: Зеленски во посета на Велика Британија


„Конфликтот е во клучен момент“, рече Сунак. „Велика Британија ќе остане непоколеблива во својата поддршка за Украина и нејзиниот народ да се бранат... важно е и Кремљ да знае дека нема да си одиме. Ние сме тука на долг рок“.

Откако ги задржа своите трупи во дефанзива шест месеци, Украина планира да започне голема офанзива за да ја врати територијата користејќи ново стекнато оружје од Запад.

Пред да замине за Лондон, Зеленски беше во Париз, Берлин и Рим и се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц, италијанскиот премиерка Џорџа Мелони и други официјални претставници, како и со папата Франциск.

Досега ниту една земја не се обврзала да испорачува борбени авиони, што Киев го бара.