Свјатлана Цихановскаја, лидерка на белоруската опозиција, која сама замина во прогон, на 15 мај ја повика белоруската јавност и меѓународната заедница „да бидат подготвени за секое сценарио“, бидејќи Минск и државните медиуми избегнуваат да одговорат на гласините дека белорускиот лидер Александар Лукашенко е болен.
„Има многу гласини за здравјето на диктаторот Лукашенка“, напиша Цихановскаја, истакната критичарка и политички противник на Лукашенко, на Твитер на 15 мај.
„За нас тоа значи само едно: треба да бидеме добро подготвени за секое сценарио. Да ја свртиме Белорусија на патот кон демократијата и да ја спречиме Русија да се меша. Ни треба меѓународната заедница да биде проактивна и брза“, напиша таа.
Коментарите на Цихановскаја, која тврди дека Лукашенко и ја украде победата на претседателските избори во Белорусија во 2020 година, доаѓаат откако се зголемија шпекулациите дека долгогодишниот авторитарен лидер е болен.
Лукашенко не е виден во јавноста од 9 мај, кога присуствуваше на прославата на Денот на победата во Москва и Минск, но го прескокна ручекот што го приреди неговиот близок сојузник, рускиот претседател Владимир Путин.
На 14 мај тој не се појави на церемонијата во главниот град на Белорусија за одбележување на државното знаме, грбот и денот на химната на земјата. Белорускиот премиер Раман Халучанко прочита говор во име на Лукашенко за време на свеченостите.
Видете и ова: Лукашенко не се појави на Денот на знамето среде гласините за неговото здравјеЛукашенко, кој има 68 години, исто така, не присуствуваше на други јавни настани во последните три недели, но нема официјална изјава за неговата здравствена состојба или причините за неговото отсуство. Прес-службата на Лукашенко соопшти само дека тој продолжува да работи „со документи“.
На 15 мај, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека е најдобро да се следат официјалните изјави на белоруските власти во врска со гласините за лошото здравје на Лукашенко.