Кинескиот специјален пратеник за евроазиски прашана и поранешен амбасадор во Русија, Ли Хуи треба да престојува во дводневна посета на Украина од 16 до 17 мај, изјави денеска претставник на украинската Влада.
Украински официјален претставник одби да даде повеќе детали за посетата на високиот кинески дипломат.
Кинескиот дипломат ќе ја посети и Русија, но и други европски земји, за вреем на патувањето, кои, како што вели Пекинг, има за цел „политичко решение“ на украинската криза. Освен Украина и Русија, Ли Хуи ќе ги посети и Франција и Германија.
Тој ќе биде највисокиот кинески политичар, кој ја посетил Украина од руската инвазија во февруари 2022.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи изјави дека деталите за турнејата на Ли ќе бидат објавени во догледно време.
Посетата доаѓа неколку недели откако кинескиот претседател Кси Џинпинг имаше телефонски разговор со неговиот украински колега Володимир Зеленски кон крајот на април, први разговори меѓу двајцата лидери од почетокот на војната.
Во февруари, Пекинг промовираше предлог од 12 точки за политичко решение на украинската криза.
Видете и ова: Кина ќе испрати дипломат во Украина и РусијаНо, планот, инициран на првата годишнина од руската инвазија, во голема мера беше повторување на претходниот став на Кина за војната. Во него се апелира до двете страни да се согласат на постепена деескалација и предупредува за употреба на нуклеарно оружје.
За време на војната, Кина се воздржуваше да го осуди својот стратешки сојузник Москва или да ги нарече нејзините дејствија - „инвазија“, предизвикувајќи критики од европските земји и САД кои го доведуваа во прашање кредибилитетот на Кина како потенцијален посредник во конфликтот.
Кинескиот претседател во март се состана со рускиот лидер Владимир Путин во Москва. Тие потоа најавија нова ера на билатерални врски за кои тврдеа дека ќе го сменат геополитичкиот пејзаж.