Илјада и 60 функционери за април добиле повисоки плати за 78 проценти, информираше денеска министерот за финансии Фатмир Бесими. Платите на функционерите се зголемија по одлуката на Уставен суд. За повисоки плати на функционерите до крајот на годината ќе се потрошат дополнителни 960 милиони денари од Буџетот на државата.
Министерот денеска потврди дека добил плата повисока за 78 проценти. Досегашната плата му била 71.145 денари, а за април му се исплатени 125.960 денари.
Видете и ова: Функционерите ќе добијат по 1000 евра покачување на плата
Бесими смета дека сега не е најповолно време за усогласување и зголемување на платите во јавниот сектор, бидејќи ќе има импликации на инфлацијата и препорачува зголемувањето на плати да се имплементира од 2024 година. Според него, платите во јавниот сектор треба да растат ако расте продуктивноста и ако се зголемат платите во реалниот сектор.
„Усогласувањето на платите на Економско-социјалниот совет ќе трае подолго, а методологијата за зголемување на плати може да се донесе побрзо, рече Бесими на средбата со новинарите.
Неодамна Уставниот суд укина одредба од Законот за плати за коефициентите на плати со која се овозможи на јавно избраните функционери да им се зголемат платите за 78 отсто. Одредбата за коефициентите на плати донесена во 2012 година пред Уставниот суд беше оспорена од адвокат. Со неа покрај функционерите во Владата се опфатени и пратениците, градоначалниците, судиите,..., и другите избрани и именувани функционери.
Во меѓувреме вработените во јавниот сектор бараат да им се усогласат платите со порастот на минималната, која од минатиот месец изнесува околу 20 илјади денари.