Во Албанија денеска се одржуваат локални избори на кои граѓаните избираат нови градоначалници и 1.063 членови на советите во 61 општина.
Со одредени проблеми околу функционирањето на апаратите за електронска идентификација, во неколку избирачки места, и вообичаената слаба излезност во првите часови, од нешто над 2 отсто до 9 часот, изборниот процес се одвива непречено во 5211 избирачки места кои беа отворени во 7 а ќе бидат затворени во 19 часот, јави МИА.
Право на глас имаат 3.653.988 албански граѓани, а за првпат гласаат 122.545 лица.
На изборите свои кандидати имаат 44 партии, од кои 38 се надвор од двете коалиции „Заедно победуваме“ предводена од партијата на Илир Мета и „Десна либерална алијанса“.