Ние не бараме од опозицијата да го поддржи премиерот Димитар Ковачевски. Бараме од опозицијата да го поддржи евроатлантскиот пат на Северна Македонија, изјави заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во интервју за Гласот на Америка (ВОА).
„Ние не бараме од опозицијата да го поддржи премиерот. Бараме од опозицијата да го поддржи евроатлантскиот пат на Северна Македонија. Ова е најдобриот договор што го добивме. Тој е разумен, мислам засега, и треба да продолжиме напред што е можно побрзо. Затоа, се надевам дека сите страни на политичкиот спектар ги поддржуваат потребните промени за да можеме да продолжиме напред во унапредување на кандидатурата на Северна Македонија“, изјави Ескобар.
Ескобар во интервјуто за ВОА не ја коментираше суштината на дипломатските разговори кои се водени со опозицијата во земјава, но додава дека имаат некои свои мислења за тоа.
„Она што би сакал да го слушнам од опозицијата е посветеноста на патот на евроатлантските интеграции“, нагласува Ескобар.
Премиерот Ковачевски и владина делегација беа во посета на САД каде имаа повеќе средби, меѓу кои, и со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.