Украинската амбасадорка во Северна Македонија, Лариса Дир, денеска, 13 мај, на Твитер сподели фотографии од поранешен македонски авион сухој - Су-25, фотографиран во операција со 299-тата Тактичка Воздухопловна Бригада, пишува во твитот.
„444-ти ден. За прв пат поранешен македонски Су-25 е сликан во операција со 299-тата 🇺🇦 Тактичка Воздухопловна Бригада. Овој авион, „Блу 51“ (09015), беше доставен пролетта 2022 година и е надграден на стандардот Су-25М1(К) во Украина. Порано тој беше Су-25 „121“, напиша амбасадорката Дир на нејзиниот официјален твитер профил.
Министерството за одбрана четирите воени авиони „СУ-25“ што Северна Македонија ги набави од Украина за време на конфликтот во 2001 година, во Август минатата година ги донираше на украинското воено воздухопловство како ппомош во одбраната на Украина од руските воздушни напади.
Покрај авионите, Северна Македонија ѝ донираше на Украина и друга воена и техничка помош - тенкови, воени возила и муниција. Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, тогаш рече дека со донирањето не се ослабнува одбрамбената моќ на македонската армија.