Министерството за правда изготви измени на правилникот за правата на затвореничките со кој ќе се спречи досегашната дискриминација врз жените кои одлежуваат затворски казни. Со измените предвидено е доколку осудена жена е казнета со затвор до три години или издржала казна затвор од три години да може да ги користи погодностите во согласност со правилникот и куќниот ред од КПУ Идризово исто како и другите осуденици.
,,По мислењето од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, каде што ни се укажа дека се прави индиректна дискриминација на осудените лица од женски пол во женското одделение, наспроти осудените од машки пол – со министерот најдовме решение. Во најбрз можен рок, откако текстот ќе биде подготвен од Секретаријатот за законодавство, правилникот ќе биде потпишан и во согласност со него осудените лица од женски пол ќе може да ги користат погодностите кои се за осудените лица машки пол“, изјави на прес конференција заменичката на министерот за правда Викторија Аврамовска Мадиќ.
Измените на правилникот се донесени по барањето на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска која одлежува 4 годишна казна затвор и се жалеше на дискриминација.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Комисијата за заштита од дискриминација констатираше дека Јанкулоска како осуденичка е дискриминирана во затворот „Идризово“ во Скопје,затоа што е ставена во понеповолна положба во однос на осудениците во однос на оневозможени посети надвор од установата, одмор, како и работно ангажирање.
Јанкуловска е осудена за случајот „Тенк“ и издржува затворска казна во времетраење од четири години, од 28 септември 2020 година, во „Идризово“. Против неа се водат и неколку други судски предмети.